Очекувањата на другите...

8 април 2019

Ние наспроти останатите, нашите соочени со очекувањата на другите... Честопати тоа е судир и несовпаѓање, постојана трка по исполнување на нереални цели, далеку од дофат на нашите реални можности.

А очекувањата на луѓето се честопати сурови. Кога се мотивирачки и ја хранат вашата амбиција да посегнете по најдобрата своја верзија, секогаш се позитивни и корисни, а со тоа природно и неопходни за личен раст. Но, опасно е кога очекувањата ќе станат заповед што е надвор од нашиот опсег на дофат.

Во такви ситуации никогаш не сте доволно добри и во вас постојано расте чувството дека не се трудите доволно или дека не вредите доволно... Ви паѓа самодовербата и самоволноста, растат вашите стравови од следен погрешен чекор. Така се создаваат и вашите внатрешни немири, што не постигнуваат ништо друго освен контраефект – повлекување од секој следен животен предизвик. Така се создава и анксизоноста за која е толку популарно да се говори денес.

Тажен е фактот што се повеќе паѓа возрасната граница на анксиозни лица, а расте бројот на луѓе кои водат секојдневна војна со своите внатрешни немири. Зад нивната стамена и насмеана фасада (која повторно е резултат на туѓите очекувања), постои внатрешен свет што се распаѓа. И за жал, додека внатрешниот крик за помош избие во глас што ќе биде чуен, честопати е доцна.

Затоа, не им докажувајте на другите луѓе дека сте совршени! Не сте и не треба да бидете, затоа што нашата човечка природа, а истовремено и автентичност и убавина, е во несовршеноста.

Некогаш супермоќ е и искрено да се насмеете. А не мора секогаш да сте насмеани, само заради тоа што другите го очекуваат тоа од вас. Смејте се и без причина и очекувања, кога вам ви е убаво... И не мора да сте најдобри во сè, ниту како родител на вашите деца, ниту како дете на вашите родители, ниту како ученик, ниту како вработен, ниту како пријател, ниту како домаќин/ка...

Бидете реални во очекувањата од себе и од другите. Тоа не значи скромни цели, напротив поставете си високи цели кои ќе ве вивнат до највозвишниот развој на вашата индивидуа, кои ќе ве остварат во вашето најполетно издание, кои ќе ги олицетворат вашите амбиции и кои ќе ве напрват задоволни сами од себе. Но, ве молам, не поставувајте си утописки врвови и јасно кажете и покажете им на другите кога претеруваат во очекувањата од вас.

Борете се за вашите лични победи секојдневно, но прифтете и кога ќе паднете. Соочете се со неисполнетите очекувања и продолжете. Некогаш за среќа ви е потребно да бидете задоволни со самите себе, независно од туѓите очекувања.

 

Објавено:
8 април 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
431 пати