Одвеано со виорот

21 септември 2018

Автор: Небојша Толески Нашата земја не била секогаш модно исплашена. Само пред две децении имавме толку многу фабрики за текстил што ги задоволуваа потребите и на поранешна Југославија и многу пошироко. Тогашните текстилни гиганти ги диктираа овдешните трендови и правила на облекување. И нудеа вистински квалитет кој можеше да се плати. Но времињата се изменија, фабриките се затворија, кругот се стесни. Сега функционираат помали текстилни фабрики кои претежно шијат облека наменета за некои познати брендови или шијат облека за извоз која вооошто нема личен печат и е изобличена, не автентична, демоде. Во поголемиот дел од фабриките не ни работат модни дизајнери.

Што ќе им се кога некој од нивните ќе симне креација од интернет, ќе си ја присвои како своја, ќе и шлапне етикета и ете ти производ. Битно да се продаде, не е битно што. Дури и тие кои се уште важат за реномирани, се изгубија во виорот на кичот и заблудата дека ни продаваат нешто интересно и наше. Друга жална вистина е што токму тие фабрики не се воопшто заинтересирани да пoнудат модна перспектива. Со добро осмислени стратеги манипулираат со производот обезличувајќи го, без да слушнат мислења од професионалци. Да, тоа се приватни фабрики и имаат слобода во изборот на продуктот кој го пласираат, но немаат право да не замајуваат со дизајнерски не издржани креации. И воопшто ништо не се менува. На безбројните апели за соработка на релација моден дизајн- текстилна фабрика никој не сака ни да слушне. Заслепувачката моќ на брзиот и лесен профит со "лесни" производи мами, па не се размислува подлабоко. А површното размислување секогаш испливува на површина, кога тогаш!

И толку многу е пишувано на вакви или слични теми. Џабе! Ама нема да биде џабе кога ќе дојде време да се оценува производот и неговата вистинска вредност и техничка и визуелна. Тогаш веројатно ќе се видат недостатоците и потребата од модни дизајнери. Текстилната индустрија треба да биде по флексибилна и ненадмена. Треба да ги отвори вратите за нови идеи оти се што е старо, остарува. Се надевам дека новите генерации ќе имаат можност да бидат дел од еден процес во кој и се учи, и се надградуба и се добиваат добри резултати. Се надевам и дека менувањето на нештата од корен ќе биде општо корисно за сите. Преку ноќ ништо не се случува. Но дека се потребни промени, тоа е евидентно. Секоја промена подлежи на страв и исчекување на добар или лош исход, но со добро осмислени координати, успехот би требало да е загарантиран.

Моќта на добро усогласениот дизајн, текстилните фабрики од една и модните дизајнери од друга страна, а сите заедно, може да биде многу силна општетствена карика која одамна ни недостасува.

Содржината е личен став на авторот

 

Објавено:
21 септември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
232 пати