Оскудните „купаќи” траат само за една фотка

25 јули 2018

Автор: Небојша Толески Новите трендови на костими за капење на големите дизајнерски куќи во ниту една варијанта не се вулгарни. Но, постојат таканаречени инстант трендсетери кои во желбата да прикажат нешто ново, создаваат тотално фијаско од себе и нивниот изглед за на плажа. Таквите влијаат на широката популација. Се сеќавате сигурно на Борат и смешниот костим во дречлива зелена боја... Иако беше наменски за снимање на филм беше и на големо исмејуван и користен како мотив во разно разни комични емисии, видеа, па дури и во познати шоуа. За жал, обичниот народ го носеше и на плажа. Бикините со минијатурни тријаголници можеа да ги носат само супер моделките, но и тие многу ретко ги носеа иако имаат што да покажат. Ама ги носеше и секоја втора девојка. Костимите за капење што ги покриваат – откриваат интимните делови создадоа револт и гадење. И тие беа на нечии тела. Да стане јасно! Не се работи за осуда туку за стилска усогласеност спрема телото, годините и менталниот склоп.
И овде се повеќе се прифаќаат вулгарни "купаќи". Интернетот си го прави своето, па гледањето на "Инстаграм" девојки во десет сантими платно на себе, атрактивно фотографирани или со момче, неретко ви го мамат погледот. А тие најчесто се платени токму тој ефект да го постигнат за производот да се продаде. Вие посакувате такви костими за капење, ги наоѓате, ги облекувате, одите на плажа, цело време со мобилниот се сликате, ама нешто не „штима".

Во повеќето случаи се крајно непријатни за носење. Ќе бидете сигурно приметени, момците ќе се вртат по вас, можеби ќе добиете и гратис пијалок, но претераната атрактивност носи и последици, најмногу по вашиот углед, реноме, стил на живот... Ако веќе толку многу сакате да откриете се на вашето тело, има нудистички плажи. А, сигурен сум дека знаете да одберете доволно убав костим за капење според вас. Вие (ние) на плажа пак сте 80 проценти голи, ама стилот 100 отсто ви се гледа. Доволно е зборувано за тоа каков костим ви одговара, па фино би било да примените нешто. Голотијата и денес претставува инспирација на многу уметници од различни професии. Но, едно е голотија на платно, друго во живо. Постигнување на супер летен стил на плажа не значи исто како и долна облека. Иако границите се поместуваат, иако некои "фураат" демек тренд, иако во повеќето гледате идоли, се се тоа во најголем дел трикови за привлекување внимание, успешно или неуспешно. Но, вие самите треба да сте свесни за ризиците и предностите. Бидете паметни, викаат дека тоа било секси.

А да... Најнов инстант непрактичен тренд се костими за капење на кои горниот дел е превртен надолу, па градите (силиконски) се гледаат многу повеќе. Ако дигнете раце се ќе ви се види. Ако спуштите раце како да сте превртени наопаку. Никако да се најде златна средина.

Изборот е ваш. Но, не претерувајте. Поминете си убаво на одмор, уживајте во себе, запознавајте нови пространства, луѓе, нови хоризонти. Костимите за капење нека бидат само еден мал дел од вашето себепрезентирање. Најчесто и од далеку се гледа убава жена или девојка, ама убавите атрибути не се само тело!

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
25 јули 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
718 пати