Осмислени модни координати, билет за сигурно демонстрирање стил

23 мај 2018

Автор: Небојша Толески Евровизија помина. Канскиот филмски фестивал исто така, венчавката на Хари и Меган... Секаде видовме раскош во најразлични изданија. Секој се потрудил да изгледа совршено имајќи го во предвид не милионскиот туку сега веќе милијарда аудиториум. Нормално дека за да изгледаат така цела гарда од професионалци стојат зад нив. Бајковити фустани, магични тоалети, софистицирани изгледи парадираа пред нашите очи преку телевизиските и интернет преноси, а сето тоа зачинето со доза на екстраваганција за да ни биде уште по бајковито. Не се сеќавам кога ни приредил некој од нашиве нешто такво... До душа Лила е она што се нарекува вистинска ѕвезда и толку. Се друго е сјај без сјај. Ама од друга страна можам и да ги разберам. Нема пазар, нема ни шоу. Иако може и едното и другото да се избaлансираат со макотрпни стратегии и вложувања. Исходот нe секогаш е позитивен, ама што ако си играмe цело врeме по линија на помал отпор... Така ѕвезда не се станува.

Друг ми беше муабетот. Избрани сме за најлош моден стил на последната Евровизија. Многу значајна награда за да престанеме да се удираме во гради дека сме врв! И не е прв пат ваква награда да се даде на наш претставник на ова музичко натпреварување кое многумина го потценуваат, а не знаат дека се работи за масивен тв.проект во кој технологијата на сцената и сценските ефекти се во преден план, дури и пред песните и изведувачите. Јас нема да го оценувам стилот на Ај Кју, тоа веќе го апсолвиравме деновиве и многу е јасно. Ќе посочам на недостатоците кои сите ги знаеме ама никако да допрат онаму кај што треба. Прво, глупаво е да се срамиме со награда за најлошо облечени. Да, тоа ќе избледе и ќе се подзаборави ама не чека повторно настанот следната година. Тогаш богами ќе создаде револуција на социјалните мрежи и никој нема да биде изземен. Кога не се осудувате да прашате визионери, визионери и ќе ве раздрмаат малце. Спремање цела година, избор на облека на располагање, консултација со еминентни наши модни дизајнери и модни куќи, идеи, предлози, конкретни чекори...

Тим од соодветно упатени професионалци кои виделе како функционира Евровизија, подготовки без трауматични дешавки и подготвеност за компромис. Три минути се во прашање за изведба на сцена. За цел свет да те види има да се даде најдоброто, приликата треба да се зграби и да се гази достоинствено и сигурно на таа сцена. Облеката заедно со сценскиот настап на настан од ваков калибар покажа дека е пресудна за влез во финале. Ете голем дел од формулата како до финале. Песната оставам да ја коментираат професионалци. Но, не е само Евросонг во прашање. Сме се појавувале и на други престижни манифестации. Модниот исход скоро никогаш не бил на ниво. Секоја чест на дизајнерот Марјан Пејоски кој облекувајќи ја Бјорк во лебед на Оскарите се запиша во светската модна историја со креација која е оценета за една од највпечатливите до сега. Да шокираме, да бидеме храбри, да провоцираме по малку и да знаеме да усогладиме гламур со шоу, елеганција со настан... И не со одмерување на сили со одмазнички начини туку со сериозност, дораснатост на задачата!

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
23 мај 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
957 пати