Плетена облека во лето? И тоа е можно

18 јули 2018

Автор: Небојша Толески Де топло, де ладно. Де лето, де есен. Од сандали во чизми и обратно. Таман сме ја спакувале зимската облека, секојдневно ја растураме за да си облечеме блузи. И само што сме ги облекле, сонце блеснало, надвор пекол, ајде пак на маици со прерамки. Но, ќе ви биде простено ако направите намерна грешка и облечете плетена облека во лето. Да да, до сега се мислеше дека сето тоа е резервирано за зима ама ова модно правило не важи повеќе. Нештата се менуваат, модата е менлива. Плетената облека и тоа како е резервирана за ова лето, се разбира во лесна и летна варијанта!

Ваквите парчиња на чуден начин асоцираат на плажа, песок, море... Не е ништо страшно да размислувате малку подалеку. Токму за оваа сезона модните генијалци пронајдоа начин да ја разбијат модната рутина и да приредат забава со очекувани и неочекувани парчиња. А сигурно дека се неочекувани плетените фустани, здолништа и маици! Плетени од тенок конец, со текстура или без, можат да создадат волшебство во еден изглед. Трендот е инспириран од француската ривиера и идејата жените и девојките да носат долги плетени фустани надополнети со голема шапка и предимензионирани очила за сонце. Ако носите плетена маичка, разиграјте ја со лелеаво здолниште со висока половина, или ако сте за плетено здолниште, горниот дел нека ви биде со цветни отпечатоци. Доаѓа во предвид и накит во златна боја како и големи обетки со геометриски форми. Има милион и една варијанта.

Нека ви проработи имагинацијата и осетот за естетика. Е сега, ако навистина претерате, ќе бидете смешни. На пример да дополните со чизми, наводно летни... Чизми само во зима! Ова важи и за оние кои носат чизми во лето дури и без плетената облека. Едно е да бидете практично модерни, а друго е да бидете заробени во облеката или обувките. Истото важи и за долгите наметки. Тие можат да бидат фино плетени со свилен или памучен конец, но никако со волнен. Ќе се испотите уште не излезени од дома. Плетени костими за капење никако! Плетенината впива многу вода и тешко се суши.
За помодарките на летниот плетен тренд една сугестија - задолжително нанесете крем со заштитен фактор пред да ја облечете плетенината. Некогаш може да иритира. Се зависи од квалитетот кој го носите на вас.

Како и да е, нема да згрешите ако носите лежерна плетена облека на топлото време. Со соодветно комбинирање можете да си создадете специфичен изглед, неоптоварен со модните стандарди. Ниту ќе прекршите некое правило ниту пак треба да ви е грижа дали ќе бидете мета на осуда. Вистинските визионери од секогаш знаеле да бидат пред времето, без разлика дали е топло или ладно.
Совет плус: Има плетена облека изработена од мерцијализиран конец. Неговата способност е да лади, па бујрум таков фантастичен фустан.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
18 јули 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
550 пати