Повеќе си ги сакаме ноктите од забите

27 февруари 2016

Пред неколку дена бев на забар. Средив сè што требаше да се среди и се подготвував да платам. Пред мене девојка, би можела да кажам дека сме врснички, средена, убава. Цената за пломбирање заб и други дополнителни услуги за неа, изнесуваше 800 денари, по што следеше коментар: „Ауу, скапо некако, но добро, тоа е сега“. И додека го затвораше паричникот забележав дека има „тазе“ маникир, што не чини помалку од 600 денари.

Забарката пак, ја познавам уште од средно училиште, знам колку е посветена, колку години потрошила во учење и надоградување и тоа е процес кој ќе трае сè додека таа може да работи. И не можев да не се изнервирам. Таа не прокоментира ништо, ниту пак јас реков нешто, но во себе си мислев колку сме површни. Не велам дека 800 денари се малку, особено кога ги немаш, но овде работата е друга. Не ни е проблем да дадеме за маникир, на фризер да одиме по два пати неделно, да купуваме скапи маски за телефон, да одиме на спа, или да не јадеме леб за да можеме да си дозволиме некои чевли или чанта, ама за да си ги средиме забите немаме пари. За здравје се нема ни пари, а ни време.

Е после забарот се упатив на кафе со другарките. Патем, двете се  дипломирани филолози по Англиски јазик. И двете извесен период беа и во странство, да се дообразуваат на начин на кој тука не им е овозможено. Притоа, двете се од скромни семејства, што значи дека таа дообразба не било лесно да се изведе, особено финансиски.

За среќа, и двете работат по струка, што вклучува и давање приватни часови. И така разговарајќи, едната по малку разочарана и нервозна, соопшти како добила забелешка дека цената за индивидуален час била висока. Другата пак рече дека истото и се случило за превод и тоа од некој што со сигурност знае дека парите не му се проблем. Уште повеќе ја нервираше фактот дека постојат т.н. колеги што максимално го девалвираат трудот, а притоа или нема да ја сработат работата добро, или тие пари им се за „џепарлак“, па создаваат нелојална конкуренција.

Патем, за потребите што им биле соопштени, часот и превод (стручен)  чинеле нешто помалку од еден маникир/фризерска услуга/шминкерска. Но, сега проблемот е што еден час, не е доволен. Или се работи за повеќе страни. Но, она што можете да го постигнете со индивидуалните часови и временски и во поглед на знаењето со кое ќе се стекнете не може да се мери ниту со еден курс или пак училишна настава.

Секој го цени својот труд, заработените пари и ќе одлучи како и каде ќе ги потроши. И тоа е легитимно. Секој се труди да заработи на начин на кој што умее и ќе се снајде.

Не е проблемот што некој не може да си дозволи. Па повеќето во државава не можат да си дозволат многу работи и тоа основни. Уште повеќе нервира моментот што семејства или поединци што едвај крпат крај со крај ќе најдат начин и пари да го образуваат своето дете (или себе), ќе платат на време за книгите или часовите што му се потребни. Но, тие на кои што финансиите не им се голем проблем, е тие не плаќаат, забораваат, се „ценкаат“, коментираат.

Занаетот отсекогаш бил на цена. И додека порано сите се труделе да научат по некој, со тек на време тоа стана срамота, па сите имаа желба да станат интелектуалци. Е сега, откако изгледа премногу нè има интелектуалци, сега повторно се враќаме кон занаетот.

Сепак, занаетите во Старата чаршија на пример, згаснуваат. Сè помалку има луѓе што се занимаваат со рачна изработка на чанти, шапки, чевли... Но, од друга страна сè повеќе има козметички студија, жени што се занимаваат со средување нокти, шминка... Трендот го наложува тоа.

И тука нема ништо спорно. Проблемот е друг.

Интелектуалната работа сè повеќе се гази. Може да се оди два пати неделно на фризер, но за да се оди на забар еднаш во шест месеци на контрола, или пак за гинеколошки преглед, што може здравје да ви спаси, е тогаш не се може. Тогаш е скапо.

Не значи дека не треба да се оди на фризер, маникир, педикир, да си дозволите спа, одмор или нешто што ви претставува задоволство, но барем не давајте коментари за нешто за што некој го вложил сиот свој труд и знаење за да може да ви помогне кога ќе ви е потребно. Како што тие што изработуваат нокти или шминкаат оделе на школо, курс, учеле и имаат талент за тоа, така и другите учеле (понекогаш и неспоредливо повеќе), па не гледам причина зошто нивниот труд би се потценувал или не би се наплатил.

Сè додека изгледот на ноктите ни е поважен од тоа какви ни се забите, или фризурата од образованието, нема да нè биде.

Објавено:
27 февруари 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.594 пати