Правото на избор да биде право за сите!

8 март 2019

Деновиве „постоскаровски" го гледав „The Wife". Глен Клос брилијатна во улогата на „сопругата", Џоан Каслман, животна сопатничка на писателот Џо Каслман кој добива Нобелова награда за книжевност, беше номинирана за Оскар за главна женска улога. Не го освои, иако имаше фантастична сезона и собра неколку од најпрестижните статуетки, за истата категорија.

Но, и без Оскар, стои фактот дека таа направи генијален портрет на „сопругата" од едно не така далечно минато, во постојана сенка на нејзниот сопруг.

Оваа улога е одговор на прашањето зошто низ историјата не читаме за големи женски ликови во литературата, уметноста, науката... (со ретки исклучоци). Во една сцена од филмот ( ви го препорачувам, доколку сè уште не сте го гледале), што ми остави длабок впечаток, е моментот во кој се прикажуваат полиците со книги, сите повеќе или помалку прочитани, освен оние во последниот ред чии корици се нови и неотворени и чии страници се неразлистани, само затоа што нивните автори се жени. Со оваа сцена е направена метафора на позицијата на жените, дури и во почетокот на 20-от век, дури и во земји кои се дефинирани како демократски и во семејства кој се сметаат за добро ситуирани и интелектуални.

Така нашата протагонистка Џоан, неверојатно талентирана писателка, сиот свој живот, зад вратите на работната соба на нејзиниот сопруг, ги пишува неговите книги, ги раскажува своите приказни под неговото име. Пред јавноста таа е само „сопругата" на големиот писател, а всушност големината и величината се нејзини. Од една страна, само така нејзините ликови би можеле да бидат живи, нејзините приказни прочитани - под машко име, а од друга страна нејзините фрустрации се толку длабоко потиснати, што чувството на празнина е постојано присутно, иако во секој поглед е несебична поддршка на сопругот нобеловец.

Денес жените имаат избор. Но, не сите и не секаде! Некои се писателки познати, читани и признати под своето име, благодарение на гласните жени низ историјата, кои застанале и се соочиле во очи со сите предизвици на тоа „да се биде жена", но некои сè уште се „во сенка" – на своите стравови, „женски обврски", сопрузи, татковци, општествени стеги...

Борбата за економска, политичка и социјална рамноправност (права и обврски) е циклус - постојан и комплициран. Не завршува со оној 8. Март од времето на Клара Цеткин и Роза Луксембург. Напротив, тие живееле во време во кое не постоело прашање на избор, биле доволно храбри, мотивирани, па и оправдано гневни, да застанат во прв ред, и да говорат гласно во име на својата генерација и во име на сите идни генерации. И да нè задолжат .... Нам ни е обврска секој лично да ја води својата животна борба во име на општественото добро и колективната позиција на жената и конечно за себе лично како индивидуа, не како маж или жена, туку како човек. Нашата борба е правото на избор, да биде право за сите! Ваше е дали ќе бидете сопругата, писателката или и сопругата и писателката и...

 

Објавено:
8 март 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
297 пати