Предотерани, дали мирно спиете?

3 октомври 2018

Автор: Небојша Толески Од мода никогаш доста, ама и модата може да биде премногу напорна. Де се менува, де се навраќа на минатото, де оди со визијата за иднината... И така се во круг, алишта еден куп, преголем избор, многу брендови, „штанцани" парчиња во секоја продавница... Не дека не е убаво да имаме избор. Со различната понуда се создава можност да бираме, и што ни стои и што не ни прилега. Но, да замараме и напнуваме премногу околу изборот на облека за на работа, во театар, за ручек, во ресторан... тоа е веќе малку тешко. Им се чудам на госпоѓите кои се предотерани за секаде.

Спијат ли некогаш? Со штотуку фенираната коса дали воопшто ја ставаат главата на перница за другиот ден да им биде тазе? Дали им е тешко да одбираат облека на секои два часа за на различни места да бидат различно облечени, со штикли со се се?! Најчесто таквите си носат во кола уште една облека, па кога се на работа во еден, потоа во кафуле во друг изглед. Задолжително во багажникот имаат по неколку чивта чевли, а некои си носат патики за возење, потоа си ги обуваат штиклите што е и практично во секој случај. Ама да бидеш предотеран, премногу да внимаваш дали ќе ти се изгужва фустанот или дали брошот е наместен до сантим на кошулата како што треба, или дали токата од ременот е на средината... е тоа богами е голема мака. Често носат вечерна облека за денски прилики, тотално го промашуваат и мешаат дневното со вечерното облекување оти демек ако е вечерно значи и по свечено, по впечатливо. Стрчат со накит кој блеска од километри, задолжително ставаат очила за сонце дури и во затворена просторија, се поднаместуваат на секој чекор и постојано го вадат огледалото од чантата која „бај д веј" е толку голема ко внатре да носат фенови и пегли. Има и такви кои обожуваат долги фустани за преку ден, ама не обични, туку налик на тоалети. И така се шетаат низ улица, претежно на главните улици каде има многу луѓе. На други пак им се чини дека голема шапка може да се носи секаде.

Поттикнати од британското кралско семејство во кое шапките се еден од деталите кои им ја карактеризираат облеката, ги носат насекаде. Па уште ако има и пердув... полн погодок. Или пак панделки и тулови ставаат кај што ќе стигнат мислејќи дека така се стекнува внимание, престиж, слава. И така облечени, скоцкани од глава до пети и обратно, дури и кога седнуваат на столица ја тресат, бидејќи може да има прашина и да им ја извалка облеката. Еднаш се сеќавам една таква госпоѓа пред да седне кај мене дома ми ја избриша масата и столицата со марамче. Се засрамив.

Никогаш нема да престанам да им се воодушевувам на дами со отмен, умерен и допадлив за око стил. Таквите инспирираат цели генерации и се за секоја пофалба. Но, никогаш нема да престанам да ги посматрам предотераните госпоѓи на кои се чини дека не им е удобно во своја кожа. Не бидете претерани. Вашиот изглед се гледа, го гледаме. Нема потреба од толку многу грижа како ќе изгледате ако знаете кои сте и што правите. Нема ни потреба од пресоблекувања. Не сме филмски ѕвезди па на секое појавување да бидеме различно облечени. Ние живееме овде, се познаваме, се дружиме. Дајте си мала оддишка и за промена релаксирајте се со облеката. Всушност, играјте си, нека ви биде забавно, а не напорно. На крајот на денот ќе сфатите дека претераната грижа за вашиот изглед не вреди токлу колку спокојот.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
3 октомври 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.377 пати