Преживуваме, не живееме!

21 февруари 2017

Секој ден е драгоцен, убав, возбудлив, а ние се повеќе сме гости на нашиот живот. Сите некаде брзаат, сакаат брзо да заработат, сакаме да комуницираме на површно ниво оти така ни е побезбедно, одговорноста ја загубивме некаде по пат.

Многу малку сакаме да уживаме, брзо се храниме, кога ќе се прибереме дома сме нервозни затоа што сме притиснати од сите страни. Имам чувство како да имаме спор метаболизам и многу време ни треба да се соочиме со работите кои ги живееме. „Преживуваме, не живееме“- ќе каже Карлин во еден негов стенд ап настап. Замислете го вашиот живот барем еден ден без дневна политика, без грижа, без стрес... Ќе го почуствуваме воздухот, страста ќе има мирис, надежта љубов.


Не ви се случило и кога ќе си купите нешто за себе тоа да има краток период на возбуда? Децата ни учат се повеќе, а се помалку романтични приказни околу нив. Ги тешиме секој ден дека ќе биде подобро поубаво, а ни самите не веруваме во нашата мантра.
Стануваме изморени, насмевката ја забораваме некаде и што е најстрашно не се враќаме да си ја земеме. Подготвени сме да се изедеме живи ако случајно некој ни го пресече патот кога сме во автомобил, се уште мобилните се вклучени за време на претставите, дури и ѕвонат па овие се јавуваат и си прават муабет. Гледаме многу телевизија и тоа лоша телевизија, не читаме доволно книги иако се со супер цени, ни стана многу поважна формата од содржината. Ми се напнуваат жилите на вратот кога ќе помислам колку се гине на сцена и колку се остава срцето на секоја проба, како останувам без здив ....тие долу во гледалиштето велат лесно било. Лесно е, како не е лесно кога ги намаливме сите наши животни вредности, кога сите се први на фронт да замразат некој или нешто без никаква причина. Заборавивме да се молиме, да простуваме.


Ама не заборавивме да зборуваме и тоа многу, пред тастатура секако. Таму некако ни е најбезбедно, најсигурно и сите се јунаци. Луѓето на Марс отпатуваа ние не сакаме да запознаеме сосед, да му помогнеме со нешто, да го прашаме како живее, му треба ли нешто. Го заборавивме животот, ги додаваме годините полека, но сигурно. Мислиме дека владееме со светот, не тој владее со нас. Се расфрламе со пушки, бомби и пиштоли... колку би било поубаво да се тоа бакнежи, вљубувања и прегратки. Се повеќе се разведуваат, се повеќе таблети за слабеење, се помалку трчање покрај кеј.
Толку ли е тешко да дадете топла прегратка, да изговорите љубезен збор, да кажувате почесто „Те сакам“ оти тоа не ве чини ама баш ништо.


Јас секој ден си велам да најдам време да се сакам себеси повеќе за да можам другите да ги сакам највеќе. Се обидувам да се смеам повеќе, затоа што исто како и љубовта со тоа се лечат сите крвави рани во душата. Заборавивме да разговараме, да ги споделиме нашите маки и радости.

Олби во својата пиеса „Брачна игра“ вели: Знам дека бевме на меден месец и често се држевме за раце, со благо накривени глави и ги произведувавме оние чудни гугуткави звуци. Нема гугуткави звуци одамна. Мене ми се случува да се израдувам кога ќе видам како се бакнуваат на клупа, како се гушкаат во некое ќоше, како да сум видела чудо некое, па ќе подзастанам. Оти се правиме само заборавивме да се сакаме, ние луѓето.
Кога се смеете длабоко, искрено знаете дека ја лекувате душата нели?
Јас кога се смеам и кога ќе ми потечат очите од многу смеење, не размислувам каде се смеам и на кое место, сакам да се смеам сега и тука. Се смеам додека имам здив.
До каде стасавме на ова парче земја наречено мед и крв?
Знаете и самите, претпоставувате... до никаде .... деновите минуваат, животот ќе ни помине во тривијалности. Љубовта ќе ја чекаме мислејќи дека не ја заслужуваме, ќе се самоказнуваме со осаменост, ќе заборавиме да го дишеме воздухот оти нели ние сме народ кој функционира и без кислород,  буквално и доследно.

 Бејбимама

Објавено:
21 февруари 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
4.567 пати