Првата година со дете!

27 јули 2018

Неодамна на социјалните мрежи наидов на едно видео од експеримент во кој мајки ги оставаат своите дечиња во соба и излегуваат од неа.

Зад стаклото, од каде ги гледаат, експерти им поставуваат доплер и звуците од чукањето на срцето ги пренесуваат во собата.

Од неверојатниот плач предизвикан од отуството на мајката, во моментот кога ќе ги слушнат отчукувањата на срцето, тие се претвараат во кротки и насмеани суштества. Ќерка ми вчера наполни една година. Таа е најубавото насмеано суштество на светот!

Фото: Brit.co

Претходно не разбирав како човек може да се смири кога ќе слушне отчукувања од срце, но изминатава година дознав дека само така всушност и се смирува...Не ја разбирав таа љубов што ми ја објаснувале мајки, но сега сакам да им се јавам на сите и да им кажам дека не постои поголема. Не постои подобро чувство на светот од она кога го прегрнуваш сопственото дете и без да правиш ништо го смируваш. Всушност, сме правеле многу.

Фото: Bertie's Balloons

Нашата љубов ги смирувала. Големото срце кое чука само за нив од моментот кога прв пат ќе ги слушнете како плачат. Не ги смируваат капките за грчеви, адаптираното млеко или доењето, само љубовта ги смирува.

Љубовта која ја има и ја чувствува секоја мајка за своите деца, без разлика дали имаат успешна доенечка или адаптирана приказна. Важно е, но и не толку. Не форсирајте се ако сто пати на ден слушнете дека доењето е најдобро за вашето дете, ќе биде здраво и ако пие формула и ако понекогаш му давате бел леб, кој и единствено постоел годиниве наназад.

Не измачувајте се и ако не успеете, и ако сите ви кажат дека ќе биде единствено здраво само и само ако цица, бидејќи тоа не е вистина. Тоа е најдоброто што можете да му го дадете на детето, но не и единствено. Не плачете со часови ако не можете да направите ништо бидејќи сте снемале млеко или пак бебето не може да се научи да цица.

Фото: Pinterest

Не губете го разумот ако сите други мајки на светот објаснуваат како со голема упорност се постигнува сè што се сака. Не е така. Секој е упорен за сè што е поврзано со своето дете. Едноставно, некогаш работите не одат онака како што сакаме.

Не сте лоша мајка ако за нешто се откажете, ако денеска не му подготвите органска храна или ако едноставно земете малку време за себе да ја направите фризурата што долго време ја посакувате.

Не можете да бидете лоша мајка со сета љубов што ја чувствувате, со сето она што го направивте за вашето дете. Само вие знаете што значат милион непроспиени ноќи по ред, немоќ кога излегуваат забите и немоќ кога со месеци добивате една цртка.

Фото: Parents Magazine

Не нè осудувајте дека нешто не сме пробале или дека не требало да се откажеме. Сите го правиме најдоброто за нашите деца, а ние знаеме што е најдоброто. Она што јас сфатив дека е најдобро изминатава година е дека времето со нив треба максимално да се искористи. Затоа, искористете го секој момент, бидејќи нема да се повтори.

Поминаа грчевите, забите, празните обиди за доење, ужасните вести за истата килажа неколку месеци по ред, деновите полни плач без да можеш да го утешиш. Останаа само насмевките, среќата кога ќе види храна, викањето мама сто пати во минута, уживањето во „нездравото“ млеко, љубовта кон кучињата и првиот роденден.

За овие работи уште сто пати ќе ги направам истите избори и горда сум на нив! И вие бидете горди на самите себе за сè она што го правите за вашите деца секој ден, 365 дена во годината.

Среќен роденден на моето мало пиле!

Фото: Приватна архива

Објавено:
27 јули 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
408 пати