Првата импресија е трајна!

30 ноември 2015

Веќе ја имате чуено реченицата - Не можете да судите за книгата според корицата. Но, од каде тогаш потребата од цели маркетиншки оддели посветени да искреираат корици за книги кои ќе треба да ги маѓепсаат и привлечат читателите кон содржината. Издавачите добро знаат дека насловната корица е нивна златна можност за поврзување и продажба на нивниот таргетен пазар.

Луѓето со својата појава исто така го имаат тоа што во многу наликува на корица на книга. Тоа се нарекува имиџ. Визуелно, тoa e збир од она што се става на себе, вклучително со изборот на боите, стилот и тоа како пасува облеката, додатоците, во иста мера како и фризурата и сè она што е видливо за окото. Сопствениот имиџ може да ги маѓепса и привлече другите исто како корицата на книгата. Квалитетите кои сакаме да ги искажеме, со сигурност можат да бидат пренесени преку тој визуел. Па дали и колку е тогаш важен сопствениот имиџ? Многу!

Понекогаш и некој изговорен збор ќе ја продаде книгата без разлика на корицата. Но, како некој ќе знае што има внатре ако не биде заинтригиран со нешто да ја отвори? Во бизнис светот тоа е нешто на кое сите се надеваат, но дури и со добра репутација, тука се многу нешта што можат тоа да го срушат. Но доколку сликата навистина е во склад со содржината оние наспроти ќе бидат релаксирани, доверливи и отворени за комуникација.

А во бизнисот, сè се сведува на комуникацијата. Секоја точка на контакт е можност за екпресија на тоа кој сте и што правите на начин кој е силен и убедлив. Фактите говорат дека дури 93% од првата импресија се базирани на невербалната комуникација.Она што го изговараме изнесува само 7% од впечатокот кој го оставаме. Токму затоа креирањето на ефективен бизнис имиџ е од витално значење.
Успешните луѓе веруваат дека нивниот успех се препишува на погодните меѓусебни релации во иста мерка колку што е заслуга на способностите, бизнис знаењето и умешноста. Комуникацијата и имиџот кој се презентира, го креира првиот впечаток и тој е многу често и траен за луѓето кои сме ги сретнале.
Првата импресија е долготрајна. Па се поставува прашањето - Дали изгледот на тимот е во согласност со квалитетот на продуктите? Без разлика дали се допаѓа тоа или не бизнисот сепак е суден и е под влијание на начинот како се видени вработените. Да се биде само добар не е доволно добро во денешните компетитивни пазари.

Да се има препознатлив имиџ во сите аспекти од бизнисот е клучно за доверба на клиентите во тоа дека тој бизнис е стабилен и успешен.

Вие го контролирате Вашиот имиџ. Личниот стил ќе функционира во Ваша корист давајќи сигурност дека професионализмот се провлекува низ однесувањето, ставовите и визуелната презентација на компанијата. Согледувањето дека сте инвестирале во имиџот на компанијата е отворена покана за другите да инвестираат во вас.

Тоа како и со колкава грижа се облекуваме за на работа испраќа некои од најсилните пораки воопшто, но само неколкумина се свесни за својата лична визуелна моќ, и само малкумина разбираат како да ја насочат таа моќ и да ја употребат за сопствен напредок.

Автор: Снежана Сани Богдановска

Објавено:
30 ноември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.269 пати