Сакам “Fashion”

30 октомври 2015

Црвен килим, пано за сликање, со часови осмислувани аутфити (но и изгледи на "што ми дошло при рака"), светла, писта и фамозниот прв ред. Дали тоа ќе биде доволно за Скопје да се нарече метропола. Рамката e поставена , но што ни зборува содржината?

Во деновите на згуснато модно живеење кога на едно место ќе се присоберат модните посветеници, вљубеници и љубопитници покрај вообичаените "модни" муабети неизбежно, секогаш одново се освежуваат и прашањата за тоа шо се спаѓа под синтагманта македонска мода.

За мене како човек од внатре чии сеќавања бележат стаж од 30 години тоа е приказна-"пред и потоа".
И додека "пред тоа" беше една извонредна предисторија на македонската мода со извонредно успешни конфекциски куќи издигнати со квалитет на југословенско ниво и со интернационални пазари, но без препознатлива дизајнерска автентичност, делот "потоа " е потполно испревртена приказна, но за жал не така успешна . По осамостојувањето сосема очекувано беше, впрочем како и за се останато, да почне да се оформува автентичен дизајнерски идентитет. Времето на промени требаше да биде поткрепено со младиот орен потенцијал, од кој дел со странски дипломи. Време беше да почне да се говори за македонска модна сцена и дефиниран профил на моден дизајнер. Но, линијата на прогресот во овие 20 изминати години не е ниту права ниту вертикала. Вулгарната транзиција ја минираше текстилната индустрија, а немањето јасен вредносен систем и верификациски модел допринесе под поимот моден дизајнер да се провлече секој кој имал желба, но не и реален потенцијал за тоа.

Затоа денес модната сцена ни е богата и разновидна во бројноста , но сиромашна во индивидуалната дизајнерска мисла. Сепак оптимизмот се подгрева на неколкуте , по светски стандарди оформени имиња како и младиот креативен едуциран потенцијал на кој допрва се смета.

Од друга страна фактот за малиот економски пазар и слабата економска моќ не смеат да бидат оправдување за мрзеливоста, немањето желба за постојана надградба и едукација и воља за битка со автентичното како моќно оружје.

И во таа битка едно од основните прашања е колку македонските текстилни компании се вложуваат во создавањето на македонски брендирани модни колекции?

За жал oчајно малку. Македонски брендирани модни линии зад кои стојат текстилни компании можат да се избројат на прстите на една рака. И сите се брендови за широка потрошувачка. Ниту едно потпишано дизајнерско име. Иако постојано се нагласува дека тоа е единствениот поглед во иднината, македонските текстилци и понатаму како да не сакаат да го сфатат тоа. Многу од нив, за жал го платија со банкрот на своите фирми потпрани на Лонг системот. Некои се уште се успешни во тој концепт, но заканата од исток е страшно големa и колку побрзо се разберe нужноста од преобразба и адаптирање на потребите на пазарот толку подобро, но според актуелната атмосфера се чини како да нема подготвени етузијасти (визионери) кои би си ставиле "здрава нога во трн".

Па иако до пред некое време тлееше доза на оптимизам за таква упатеност, но како сега се движат нештата се повеќе станува извесно дека не постои воља за таква еманципација.

И таа битка за модна еманципација најдобро се огледа во изгледот на луѓето затоа што тоа е пред се сопствена модна освестеност.

Цела една анализа за состоjбите во општеството може да се потпре само врз визуелен скрининг на изгледот на граѓаните. Улици кои се преpлавени со унифицирани и трендовски ( мнозинско ниско буџетни) униформирани граѓани јасно говори за немањето континуитет на модната свест, ниска визуелна култура и немањето здрав однос кон себе и сопствената традиција. Иако модната индустрија се потпира на трендовите како генератор на потрошувачката сепак тие постојат да се прилагодат на себе како дел од убавината на животот, а не да се биде нивни роб во обид на самодокажување пред надворешниот свет. И тој напор да се биде модно спастрен не е само прашање на финансиска моќ.
Се разбира дека без европски и светски стандарди во приходите не може да стане збор за следење на европски модни стандарди. Па затоа и мнозинството ги восприемаат странските конфекциски брендови за ултимативен врв на модниот досег, ,што секако не е алиби за немањето сопствен стил. Тоа сепак е повеќе прашање на модна освестеност отколку на прашање на пари.

А за модната освестеност особено би требала да проговори сликата од модните настани, местото каде на купче по дефиниција би требало да се најдат оние кои од внатре ја чувствуваат модата, живеет за неа и од неа. Ултимативна точка за сконцентрирана модна кореспонденција, пласман на луцидни идеи, врвна модна визура, самоекспресија без задршка која потикнува и мотивира. Но, само површен поглед на персоните кои така гордо се сликаат пред паноата на црвениот ќилим прави забуна и го наметнува прашањето –која е македонската модна публика. Јасно е дека исто како и во светот , покрај (овде за жал) шаката на професионални проследувачи на настанот тоа ќе бидат клиентите , роднините и пријателите на дизајнерот, зошто оние кои се примарни во светот(купувачите) овде не постојат како категорија). А тие ќе бидат јасен одраз и ќе проговорат за работата на дизајнерот и без да знете било што за неа. А тоа точно ќе посочи кој од нив е на ниво на модно еманципирана публика, а кој не е. Она што би требало да биде постојан исказ на модните коментатори (вклучително и на авторот на текстов), чии анализи секогаш се сведуваат на информативни или евентуално пофални зборови но никогаш на издржана ,па дури и еуфемистичка критичка анализа (но не и критизерство).

Но кругчето е мало, а во него сме сите .

Автор: Снежана Сани Богдановска

 

Објавено:
30 октомври 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
906 пати