Се срамиме ли од сопственото незнаење?

20 февруари 2019

„Не е срамота, ниту штета да не знаете, но срамота е и штета е да се преправате дека го знаете она што не го знаете“, - оваа мисла од Лав Толстој кажува речиси сè за анкетата која денеска кружи низ медиумите за манекенката која не постои, а која сите анкетирани ја знаат.

Колку и да е смешно во прв момент, бидејќи ѝ се восхитуваат, сакаат да бидат како  измислената личност и мислат дека е прекрасна, сепак на крајот е тажно и поразувачки.

Очигледно дека кога народот се срами од своето незнаење (или барем мислиме дека се срами), тогаш има незапирлива потреба да философира и да се прави паметен.

Така, после прекрасните зборови упатени до измислената манекенка и нејзината кариера, следеше кратка философска приказна за успехот и светските модни трендови и манекенки.

Мараја Кери на пример се преправаше дека не знае која е Џенифер Лопез, што и има смисла, но овие се преправаа дека знаат која е манекенка која не постои!

Од анкетата може да се заклучи дека:

-Не сакаме да признаеме дека не знаеме нешто. Без оглед дали сте позната личност или не, воопшто не е срам да признаете дека нешто едноставно не знаете. Вака срамот е повеќекратно поголем. За ваквиот начин на однесување, корените можат да се бараат и во (не)прифаќањето од страна на толпата, комплекс на пониска вредност бидејќи нешто што сите го знаат вие не го знаете.

-Не се следи мода. Вие можеби ги знаете најпознатите модни куќи, се стремите да купите некое брендирано парче, но не објаснувајте дека ја следите модата и дека некој е прекрасен, бидејќи ваквите анкети говорат дека тоа не е точно.

-Лекомислени сме. Не сè што ќе се прочита е вистина, не секое прашање што ќе ви го постават има смисла. Зошто да се ставате веднаш во подредена позиција, посочувајќи дека другиот е поинформиран од вас? Дека сме подложни да веруваме во сè што ќе видиме, а истовремено дека сме површни, покажа неодамна и фејсбук објавата од научникот Горан Кунгуловски. За потсетување, тој објави фотографија од познат порно актер, пишувајќи дека тој е познат доктор и научник, Македонец, светски признаен и успешен, но дека ние ваквите позитивни примери ги пропуштаме, бидејќи сме заслепени од политиката. На крај, замоли да се сподели објавата, за да се рашират добрите вести. Резултатот за 24 часа беа повеќе од 2.5 илјади лајкови и преку 700 споделувања. Ова покажа две работи – дека веруваме во сè што ќе видиме и второ дека сепак, во ова мизерно време, каде секој ден исчезнуваат луѓе, каде депресијата владее, каде средна класа веќе не постои, желни сме за позитивни примери. Барем да ги прочитаме, ако не можеме да ги достигнеме.

Но, не сме само ние. Идејата на анкетата не е ништо ново. Ваквиот пристап бил искористен повеќе пати и резултатот е ист. На пример, екипата на познатиот водител Џими Кимел, пред пет години го посети фестивалот „Коачела“ и ги прашуваше присутните за два бенда кои воопшто не постојат, при што дознаа дека овие бендови имаат голем број на обожаватели што се среќни бидејќи ќе ги слушнат.

На крајот, тоа што се затскриваме зад лагата дека сè знаеме, говори за тоа дека уште многу треба да работиме на себе. Да научиме добро да се информираме и да не се срамиме од незнаењето. Да се потсетиме дека искреноста сè уште е на цена. Да научиме да созрееме и да прифатиме дека не сме совршени.

„Сега знам дека ништо не знам“, рекол Сократ.

Но и тоа е знаење!

Објавено:
20 февруари 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
564 пати