Се вљубивте...

17 октомври 2018

Автор: Небојша Толески Сте се заљубиле. Едноставно така дошло. Неочекувано, несвесно, без предупредување. Личноста која ви станала љубов, не знае за тоа, а и не чувствувате дека има некакви претензии кон вас. Ја гледате често и се восхитувате на облеката што ја носи, на начинот на комуникација, на исполнетоста која ја има. Не сакате да изјавите љубов од безброј причини, ама затоа пак треперите при секоја помисла на тоа суштество. Сепак, не сакате да се предадете! Не сакате да знае дека сте вљубени, дека сон не ве фаќа. Но, си правите стратегии.

Кој рече дека модата нема врска со вљубеноста? Веднаш се впуштате во шопинг. Купувате интересна облека која би и се допаднала на личноста, дури и следите на социјалните мрежи онаму каде што ставила лајк и што би можело модно да ја привлече таа персона. Се одлучувате за различен стил од оној кој го практикувате. Купената облека веднаш ја носите за да се допаднете ама чувството на самодоверба како да го нема, не сте приметени онака како што посакувате од страна на таргетираната цел, вам ви е дури и непријатно во вашата нова мода. И упорно носите нешта во кои не само што не сте вие, туку нешта кои надворешно лажно ве претставуваат. Пустата желба за било каков позитивен ефект како да се намалува. А свесни сте што правите. Свесни сте дури и дека во вас може да се заљуби на друг начин, свесни, ама несвесни. Хемијата едноставно се случува помеѓу двајца па дури и во парталава облека.

Ако не ве перцепира на начинот на кој вие тоа го правите, таа личност не го заслужува вашето внимание. Ќе ви биде тешко, но подобро е да бидете она што сте отколку она што други сакаат да го видат во вас. Модата може да ви помогне паметно да бирате и да бидете допадливи за сечии очи, дури и за тие кои ги сакате. Но, не се преоптоварувајте. Знам колку е тешко во голготата да се допаднеш некому, ама кога нема ефект, нема! И нека нема! Ако не ве сака, не ве сака. Не си правете циркуз од себе. Можеби токму вашата присебност во дадени моменти може да "запали". Ако не се случи ни тоа, треба да знаете дека сте посебни на свој и само свој начин. Дека убавината лежи таму во мозочните виуги и срцевиот пулс. Дека ако некој тоа не го гледа воопшто, не мора ни да го види. Некој друг можеби ќе види. И ќе возврати на вашата љубов. Тој некој/ некоја ќе ве види во папучи до продавница и ќе му бидете слатки. Се е можно.

А облеката секогаш ќе биде тука да ви помогне убаво да изгледате. Не за други, првенствено за вас. Ќе ви овозможи стабилен прв впечаток...за вториот не гарантира. Другото зависи од вас, од личноста, од сто илјади нешта. Чувајте си ги и негувајте си ги вашите вистински вредности и бидете свои. Па и секој не е за љубење, нели?

 

Објавено:
17 октомври 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
285 пати