Симнувам капа на достоинствените

10 октомври 2018

Автор: Небојша Толески Животот често ни овозможува различни ситуации во кои треба да бираме. Изборите се достапни, но калкулацијата за нивното прифаќање не секогаш е најдобра, ама може да е соодветна во даден момент. И постојано се соочуваме со извори. Да се прави компромис е меч со две острици, да се влезе без размислување е ризик, да се втурнеме во линија на помал отпор е веќе страв.

И во модата постојат избори. Дали ни стои подобро ова или она парче, дали да купиме чевли кои се со висока или ниска пета, дали да ставиме марама или брош? Ако добро се познаваме, добро и ќе одбереме. Ама најфасцинантни ми се токму оние кои знаат точно што сакаат и тука ние немаме воопшто право да им судудиме. Луѓе со став кон нештата, со непоколеблив дух, со свесност за себе, својата моќ и својата присебност. Таквите не бираат облека! Тие само ја облекуваат, ја поднаместуваат фризурата и одат напред. При тоа, изгледаат добро облечени, вешто усогласени и непоколебливо достоинствени. Знаат што вистински сакаат. Оперирани се од време и простор. Нивниот видеокруг е широк, границите на размисување им се за чекор поместени. Не се презаморуваат со она што го имаат на себе оти го носат на најдобар можен начин. Научени се да бидат свои. Токму тие и во разговор се достоинствено прекрасни, смирени, сталожени, слушаат што имаме да кажеме. Едноставно, нивниот мозок е генератор на знаења и умеења, без лажна скромност.

Денес ретко сретнувам такви. Повеќето зборуваат за едни, прекажуваат на други, а третите ги лажат. Еднаш велат за едни дека не чинат, другиот ден се под рака со нив. Трчкаат на околу бирајќи облека која ја виделе кај колегите или другарите па купуваат иста облека. Немаат моќ да спознаат дека сами за себе се уникатни и дека не можат да бидат никој друг. Да, некои се поуникатни од нас, имаат скоро се што ќе посакаат, но ние не сме тие. Секој со својата планина.

Достоинственото однесување е олицетворение на филтриран ум, претежно ослободен од предрасуди и стеги. Неговата силина може да ве направи да бидете отпорни, големи во душа, привлечни, па дури и секси. Достоинството не се купува! Не се продава! Ама секогаш е на цена! Немојте да ја платите превисоко ако не знаете да бидете и со минимална доза достоинство. Бидејќи денес сме едно утре друго, денес паѓаме, утре се дигаме... задутре веќе ќе биде доцна за достоинство ако не е во континуитет!

 

Објавено:
10 октомври 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
623 пати