Скриени пораки на виделина

28 март 2018

Автор: Небојша Толески Треба да е кристално јасно дека нашата внатрешност многу прецизно ја отсликува надворешноста на нашиот изглед и дека оние кои умеат тоа да го препознаат многу лесно добиваат комплетен психолошки профил за нас. Облеката испраќа многу пораки. Со неа го покажуваме нашето расположение, статус,навики, пари, стил... и влијае на тоа каков впечаток оставаме, а со тоа креира начин со кој другите нè гледаат и нè доживуваат.

Тоа значи дека облеката е моќно оружје, многу влијае на психата на оној кој ја носи, но и на психaта на оние со кои е во контакт. Жените најчесто наоѓаат сигурност во облеката. Па кога го носат она во што уживаат, таа состојба ќе ја почувствуваат и другите. Мажите ретко наоѓаат сигурност во облката, но и тие знаат и тоа како да сугерираат нешто носејќи ја. Но, најдобар впечаток оставаат оние кои комбинираат контрасти. Дамите со бел фустан и црвени потпетици, господата со црно одело и бела кошула. Сепак, дезените се тие кои најмогу откриваат „скриени детали" за нас. Цветните мотиви сугерираат креативни личности кои нема да ја жртвуваат својата слобода по секоја цена. Карирано носат авантуристи. Вертикални пруги сакаат перфекцинонисти, а оние кои на себе имаат хоризонтални линии во јаки бои најчесто во себе имаат некое нeсогласување и несвесно сакаат да привлечат внимание на себе. Дезените со точки се за романтичари, нежни души желни за љубов и избор на жени кои домот и семејството им се светост. Кариеристите бираат еднобојна облека. Острите геометриски форми се наменети за таквите кои знаат до каде им е границата и кои секогаш имаат некаков ред на однесување. Ситни животинчиња и неправилни форми бираат личности кои не сакаат да пораснат, ама се добри во себе.

Отмената облека која ја следи линијата на вашето тело создава впечаток на префинетост и помага луѓето внимателно да ве слушаат. Ретро модели носат носталгичари, заглавени во своите спомени. А оние кои мора да ги имаат најновите парчиња по секоја цена често патат од несигурност и комплекс на ниска вредност.

И боите играат голема улога. Црната дека сте интригантрни, ама и дека создавате дистанци, белата дека сте оптимисти, но наивни, црвената порачува „види ме", сината дека сте авторитетни, но преценети, зелената порачува дека сте тимски играч, а жолтата ќе ве издвои...

Модните истражувачи се едногласни дека оние кои носат принтови и испишани пораки, создаваат најголем ефект на вашата, но и на психата на луѓето околу вас. Ваквата облека прилично влијае на расположението, комуникацијата и односот со другите. Најдобро е да се носат конкретни испишани пораки, посебно оние кои се духовити. Денес сè се чита, па сигурно „ќе бидете прочитани".
А, најлошо прочитани ќе бидете ако носите апстрактни, недефинирани принтови. Праќаат порака дека сте збунети.

Затоа, кога ќе видите некој за прв пат внимателно погледнете што носи на себе затоа што нашите мисли, чувства и желби се „испринтани" на облеката.

Содржината е личен став на авторот

 

Објавено:
28 март 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
261 пати