Срамежлив превез за губење внимание

27 февруари 2018

Автор: Небојша Толески Сирота Лиза Мари Присли, ќерката на музичката легенда Елвис Присли. Од татко ѝ наследила 100 милиони долари, а таа им го нашла крајот и сега и останале само 14.000 долари. Да донирме за спас на Присли, па кој колку донира... Ќе ѝ се најдат.

На моданта недела во Милано брендот „Гучи" ја претстави најбизарната ревија во историјата. Манекените како моден детаљ носеа реплики од своите глави. Налик на ноќ на вештерките. Брендот како да сакаше да прати порака до потрошувачите дека ќе им ја откине главата ако купат нешто.
Ана Винтур на модната недела во Лондон седеше до кралицата Елизабета која за прв пат се појави на овој реномиран настан. Ниту пред нејзиниото височенство не ги извади очилата за сонце кои ги носи на секоја ревија. Секако дека е непочитување. Можеби е кралица на модата (на залез од кариерата) ама нема кралска крв. Или имала очобол.

Од прилика, ова беа настаните кои ја одблележаа неделата и ги полнеа медиумите со информации.
Кај нас ред политика, ред политика... и ред политика и тек тук нешто забавно.

Златна бубамара на популарноста помина релативно запазено. И таму имаше политика, но фокусот ми е на облеката која ја носеа познатите. Не знам зошто се срамат да носат гламур, да облечат нешто со кое ќе го привлечат целото внимание, па дури и на балканските медиуми... Да воодушеват со изгледот, да бидат центар на внимание, да се зборува за нив... Се разбира, имаше убаво облечени, но сето тоа завиткано во срамежлив превез. Манифестацијата е единствена по својот карактер. Пандан на Оскарите ( приближно де). Дајте нешто екстра облека, нека се забавува народот. Всушност, и тоа ви е работа. Бидете храбри во изборот. Прикажете ни шоу на сцена со вашето појавување. Нека не ве плаши критиката, ние одамна ја немаме. Нека не ви создаваат непријатност ни коментарите. Секогаш ќе ги има. Скромноста не секогаш е доблест. Вистина е дека уметноста која ја создавате ќе остави единствена трага, ама една Јосипа Лисац (не одам подалеку) направи институција од себе облекувајќи се шокантно, но добро осмислено.

Доделувањето на најпрестижната филмска награда „Оскар" е на прагот. Јасно е дека Холивуд ќе приреди гламур во вистинска смисла на зборот. На црвениот килим како и секоја година така и оваа ќе продефилираат најпознатите филмски ѕвезди на денешницата облечени во креации од најдобрите светски дизајнери. Не дека и таму нема тотални фијаска во облекувањето, не дека и таму најчесто се прават модни утки од желба да се изгледа совршено, ама сето тоа е баш така добро спакувано, па дури и да се насмееш на нечиј изглед знаеш дека можеби сето тоа е баш така намерно направено.

Шоу бизнисот трпи шокови. Намерни или ненамерни. Ама нема добро шоу без добра забава, па нека е и модна.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
27 февруари 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
518 пати