A Star is Born: Зарем за една ѕвезда да се роди, друга треба да згасне?

17 октомври 2018

Долго се најавуваше ова остварување, а кога ќе се земе предвид фактот дека е прво режисерско деби на Бредли Купер, кој воедно ја толкува и главната машка улога, а покрај него е Лејди Гага, немаше потреба за никаква дополнителна реклама за да посакате да го гледате филмот.

Но, ако на тоа додадете дека остварувањето е четврти римејк на истоимената приказна на Вилијам Велман од 1937 година, како и тоа дека актерот Бредли ќе го чуете како пее, а пејачката Лејди Гага ќе ја видите како глуми, тогаш не е изненадување што оваа приказна предизвика внимание уште во самата најава.

И ние го погледнавме и без оглед на претходните остварувања и нишките што се провлекуваат во најновото, ќе се осврнеме на она што го нуди A star is born од 2018 година.

Можеме да зборуваме за тоа колку Купер и Гага добро ја завршиле работата како актери (Бредли и како режисер и ко-сценарист), можеме да зборуваме и за кадрите, атмосферата, што секако се исклучително важни делови за восприемање на едно филмско остварување.

Но, откако ќе го изгледате филмот, она за што ќе размислувате се поентите.

Уште на почетокот авторите ве фрлаат „in medias res“ – веднаш се знае од каде потекнуваат проблемите – Џек е познат кантри-рок пејач, кој има проблем со алкохолизмот и дрогата, воедно и проблеми со слухот на едното уво, а Али е исклучително талентирана девојка, која магично пее, но поради изгледот (големиот нос) не успеала да оствари кариера, па работи како келнерка и живее со нејзиниот татко.

И токму со тој директен пристап на работите веќе се назначува дека гледачот нема да биде залажуван.

Приказната е реална.

И има многу слоеви.

Не можете а да не ја поврзете Али со „вистинската“ Лејди Гага и да не помислите дека можеби токму со тоа се соочувала. Криењето на Гага зад ексцентричните костими всушност ја криеше обичната девојка во која некогаш се криела несигурност.

Од друга страна, „обичноста“ на Али во изгледот фиксира, дури и повеќе од убавината на Џек (ако веќе се фокусираме на физичките карактеристики). Нејзината несигурност и реченицата дека „Одлично пееш, но за жал имаш голем нос и не си доволно убава“, која длабоко ќе остане врежана во неа е типична холивудска матрица за безброј таленти кои никогаш не успеваат да излезат од „обичноста“.

Ликот на Џек, неговата популарност и како тој (не) се справува со неа се уште еден прототип за тоа што го носи Холивуд. Интересно што, додека го гледате филмот симпатизирате со нешто што во реалниот живот не би требало ни од далеку. Ќе навивате за зависникот конечно да ја добие борбата против демоните – внатрешни и надворешни. Ќе наоѓате разбирања за неговите состојби. Ќе си велите: „Тој е добар, нежен, кревок и незаштитен“, „Таа е добра, силна, а истовремено и толку несигурна.  Ќе навивате љубовта да биде лек.

 Уметноста, но и потребата навистина да бидеш она што си, а потоа и она што посакуваш ќе ги спои овие два лика. И оваа среќна приказна, која комплетно ќе ве освои, пред сè поради хемијата помеѓу двајцата главни актери, ќе почне да ги открива своите слоеви. Таа атмосфера ќе се насети уште во песните.

„Мора да останеш тоа што си, без разлика колку тоа ќе трае и колку ќе им се допаѓа“, ќе ја посоветува Џек Али на почетокот од нејзината популарност, а на крајот од својата.

Џек ќе ѝ посочи да остане доследна на себе, истовремено наметнувајќи прашање, треба ли да останеме доследни и кога сме најлошата верзија од себе.

„Не губи ја автентичноста, не губи се себеси“, ќе рече Џек, но истовремено премолчено признавајќи дека таа е тоа што е само кога е со него, а всушност вистината е обратна.

Љубомората од успехот на неговата љубов никогаш не е претставена директно, но латентно постои. Сепак, тие се љубовници што никогаш нема да го попречат патот на другиот. Себе-изразувањето и себе-сфаќањето е она што најмногу мачи.

A star is born е приказна за границите и можностите што ги носи љубовта. Дали кога сакаме треба да постои граница? Која е?

Ова е приказна и за тоа колку животот често го сфаќаме „здраво за готово“, за тоа дали успеваме навистина да се смениме или само добиваме друга надворешност. Можеме ли да ѝ избегаме на нашата внатрешна верзија?

Приказна за љубовта како лек, но и болка – болката на едниот како спас за другиот. Може ли некој истовремено да е и нашиот спас и пропаст?

Но, кого го спаси Џек на крајот, Али или себе?

Во сите четири верзии, крајот е трагичен. Тоа е нешто што не се менува во сите остварувања. Мажот ја прави „жртвата“ за доброто на саканата.

Ќе го перцепиравме ли филмот исто да беа обратно поставени нештата. Ќе симпатизиравме ли толку со женската верзија на Џек? Со оглед на тоа дека постои голема веројатност оваа приказна да добие и други, нови верзии во иднина, можеби треба да се размисли и за поинаков крај. 

Зарем, сè уште трагедијата (во животот) доминира?

Филмот ќе ве натера и да размислувате за тоа колку верувате во себе или на другите. Некогаш е доволно само да се обидеме да веруваме на друг, за тој да ни ја разбуди и вербата во себе.

И можеби поентата не е да се остане доследен, колку да се остане реален. Розовото светло меѓу последните сцени и пораката „Живот во розово“ е всушност она што не постои.

На крајот, ќе си речете, зарем како и на небото, така и во животот, за една ѕвезда да се роди, мора друга да падне?

Некаде пред крајот, братот на Џек ќе рече, дека музика се 12 тона помеѓу октави кои се повторуваат. Музиката се повторува, но не и шансите во животот. Барем не така често.

А, каква музика ќе биде животот и кои тонови ќе се повторуваат зависи само од нас, без разлика кој ќе сретнеме на патот.

И сосема на крај, ова е остварување кое ќе ве држи во емотивен набој, непредвидливо, музиката апсолутно ќе ја обожавате, ако сте имале било какви сомнежи во талентот на Лејди Гага, ќе ги немате, а веројатноста да пуштите солзи е голема, па бидете подготвени!

 

Објавено:
17 октомври 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.371 пати