Статусни симболи, култура на живеење или реплика?

6 јуни 2018

Автор: Небојша Толески Луксузот секогаш бил на цена и секогаш фасцинирал. Јазот помеѓу богатите и сиромашните секаде е голем и токму разликита во парите е најчест проблем за остварување или неостварување на одредени цели.

Статусните симболи се одраз на богатите. И што поголема рецесија и криза, тоа поважно е да се има некој статусен симбол. Но, тоа не значи дека порано и оние што немале многу финасиски средства не можеле да парираат. Во 80- те години беше важно да се има телевизор во боја, видео рекордер и микробранова печка. Ама периодот од триесет и нешто години до денес многу е променет иако се работи само за една генерација. Сега статусните симболи се претерано луксузни и многу екстравагантни. Скапите модни парчиња се дел од престижот. Нив не ги купуваат само за да ги имаат туку и заради перфектната изработка. Лажна "Фенди" или "Eрмес" чанта не дава за право да кажувате дека сте олицетворение на висок статус. Истото важи и за копиите на другите светски познати брендови како и фотографирањето на социјалните мрежи на кои "покажувате висока мода и холивудски живот".

Не е добро да се лажете себе си. Еве зошто: Статусни симболи за оваа деценија што ги издвои магазинот "Форбс" се: моќен автомобил, брендиран часовник, базен во куќата, патувања со прва класа, поседување на две или повеќе куќи, празници во странство, игралиште за тенис, приватни школи и факултети, врати на електронско затварање, дадилки, куќни помошнички, лични тренери... Едноставно, некои можат да си го овозможат сето ова што ги прави високо позиционирани со висок општествен статус. Затоа напоменав дека не треба да се лажеме. Луксузот се гледа од далеку, а лажниот луксуз за жал е проѕирен. Освен тоа, луѓето денес, за разлика од порано се склони да ги осудуваат другите зависно од животниот стил и статусниот симбол. Секој посакува демонстрација на богатство и моќ! Но, треба да сме реални кон себе и колку можеме. Да уживаме во она што сме го создале и тоа да ни е мило. Да умееме да се стремиме секогаш кон убавото, да бидеме она што вистински сме. Статусните симболи се во секој од нас, на пример статус вљубен, статус сакан, статус среќен. Сето тоа се симболи, само треба да се пронајдат...

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
6 јуни 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
423 пати