Тагата на Џеки Кенеди

24 февруари 2017

Млада жена, во тага седи на тераса од една огромна куќа и пуши цигара. Спроти неа седи новинар кој и поставува прашања и тоа една недела после смртта на нејзиниот сопруг се со цел на јавноста да и обзнани што ќе прави после таа семејна трагедија. Кои би биле нејзините должности и обврски.

Новинарот е Теодор Вајт кој го игра Били Крудап, кој подоцна станува и нејзин биограф. За потребите на Лајф магазинот го подготвува ова интервју во Хајанис Порт. Таа мудро го прескокнува одговорот и вели дека не смее да објави правејќи се дека не го слушнала доволно добро прашањето. Нејзиниот глас е тивок, навидум наивен наратив, но остар и точен. Во еден момент го прашува Џеки новинарот: Зошто Господ ми ги прави сите овие лоши работи, ако тој е Љубов, нека престане веќе еднаш.


Шанеловиот костим на кој има крв од нејзиниот сопруг нема да сака да го соблече со часови после атентатот. Крвта која таа не може да ја заборави, ниту пак сака. Младата жена која сите ја знаат како Џеки.

Натали Портман за оваа улога ќе ги преслуша сите возможни аудио и видео снимки кои постојат за да ја постигне целта како во акцентот така и во начинот на говор кој е извонредно специфичен полн со чудни паузи, некогаш оправдани, некогаш зачудено поставени. Филмот е исклучително емотивен и е работен од еден сосема поинаков ракурс на гледање и доживување на работите.

Џеки која досега не сме ја доживеале на тој начин, начинот на кој таа се справувала со загубата, особено сцените каде таа е сама во Белата куќа во кои  само пуши и пие, ги облекува тоалетите една по друга, ја брише крвта од своето лице во крупен план каде солзите го преплавуваат филмското платно.

Режисерот Пабло Лерејн тежнеел кон исклучително психолошки портрет на Џеки Кенеди. Во моментите на страшната загуба таа ќе го организира погребот до најситниот детаљ, одејќи пеш до точната локација на парцелата за покојниот сопруг, а нејзината достоинственост на самата поворка се памети со децении.

Моментот како ќе им соопшти на децата за нивниот татко е исто сцена кога ви застанува грутка и не можете да земете воздух. Емпатијата која ја имате додека го гледате филмот ве потсеќа дека гледате документаристички реализам, особено во сцените полни со очај.

Ликот Портман го креира во исто време и ранливо и авторитативно што е на некој начин парадоксално но издржано, но во ниту еден момент не дозволува да не се грижи за себе и децата.

Натали Портман е номинирана за Оскар оваа година и е совршена. Ако не сте го гледале ставете си во календарот потсетник да го гледате. Сосема друг ракурс на Кенедиевата сага.

Бејбимама

 

Објавено:
24 февруари 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
4.095 пати