Тивко исчезнување на македонските дијаманти

15 август 2018

Автор: Небојша Толески Не е дека сме немале личности со стил! Низ македонското време поминале неколку вистински стилски икони и оставиле траен белег врз цели генерации со својата појава, став, облека, дрскост, присебност и автентичност. И секој од нив носел на себе така вешто комбинирани парчиња што создавале восхит или негодување насекаде. Биле обожувани па и осудувани, но јасно е дека биле раритети. Исклучителни на само и само свој начин, стилски врамени во времето и истовремено безвремени.

Генијални создавачи на движечка уметност. Дијаманти кои не губат на вредност! Постарите сигурно се сеќаваат на таквите реткости, поновите генерации имале по некој таков, а новите генерации се претопуваат едни со други, па едноличноста не им дозволува уникатност. Сегашното време е зависно од интернет, од заслепувачка претежно лажна модна слика и претерана експанзија на облека која е создадена само за да се продаде. Светските дизајнери пласираат трендови, познатите ѕвезди ги дообликуваат, но како се да е веќе видено, веќе познато, повторно родено... Но, таму некаде далеку од нас сепак има промотори на уникатност. Кај нас за жал ретко, ретко ќе видиме одблесоци на издржана модна впечатливост. Не, не е се до парите! До визијата е! А таа се интерпретира само со цврста волја, неприкосновеност, софистицираност и посебност на умот и духот. Копирањето на стилови е копирање и ништо друго, купувањето на стилови е неможно колку и да мислиме дека не е така, а силењето на стилот е проѕирно, трае некое време на "Инстаграм" и после не сте интересни. Од друга страна, оние мнооогу малку кои се уште важат за сегашни стилски икони се соочуваат со стравот да не кикснат. Нема страв за вистинските предводници на модната посебност.

И се некако имам чувство дека толку многу се избегнува македонската традиционална облека како тоа да е нешто што не е наше. Ретко кој денес носи орнаменти или везови (бесценети дијаманти на татковината) кои ги нема никаде во светов, никаде! Замислете, порано носијата била составен дел од облекувањето, но уникатноста на нејзиното макотрпно создавање ги правела луѓето посебно облечени, различни... Ненадминливата наша стилска икона, поетесата Светлана Христова - Јоциќ беше посебен дијамант, токму користејќи го фолклорот на својата облека. Беше синоним за Македонија во светот и тоа на најдобар моден начин. Да се употребат фантастичните текстури, мотиви и украси во современата облека, да се спојат умешно и прецизно, па да можеме како производ и во странство да направиме некого уникатен и посебен, па со такви парчиња да демонстрира стил... тоа би било полн погодок. А овде да создадеме модна револуција по која ќе бидеме распознаени, цела една нација стилски уникатна...

Содржината е личен став на авторот

 

Објавено:
15 август 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
951 пати