Тотално модно фијаско

22 август 2018

Автор: Небојша Толески Толку ужасни изгледи на едно место не се сеќавам дека сум видел. Црвениот килим на доделувањето на MTV VMA music video award (MTB музички и видео награди) што се одржаа во Њујорк беше преполн со облека која не само што е неатрактивна туку и многу лошо усогласена. Како да се изгуби целиот холивудски сјај за миг.

Пластични фустани, растргани деколтеа, светкави апликации со пренагласени уште по светкави мотиви, сребрена боја блешти од секаде, пре масивни разголени задници, панталони на кои не им се знае крајот, престегнати тела, парчиња од "Tribute collection- Versace" секој трет на себе... Ако ова сето вака ја покажува насоката за новите светски трендови, модата ќе замине во крив правец. Неспорно е дека имаше убаво облечени. Такви кои го синхронизирале својот сензибилитет, физикусот, намерата и стилската привлечност. Мадона на пример изненади со марокански стил инспириран од етничките автохтони групи Бербери или Амази ама таа е создадена да биде предводник на новите времиња.

Секоја чест на машките изведувачи и музички ѕвезди! Демонстрираа одлични стилови без пренападни елементи кои на моменти привлекуваат внимание. Странските медиуми бараат сензации па гледам дека форсираат шокантни изгледи од вечерта, ама од друга страна модните критичари ги направија партали токму тие форсираните. Едно е сигурно. И тие таму некаде грешат во изборот или нивните стилисти грешат во проценката. Но, за жал и лошите изгледи и тоа како продаваат со соодветен публицитет.

 

На овој или оној начин го креираат јавното мислење. Но, треба да знаеме што е навистина убаво за да процениме. Убавината е различно спакувана, ама изостреното модно око не би требало да не излаже ако знаеме. А знаењето не е само мода на црвениот килим! Многу покомплексно е. Сепак признавам дека очекував да се склучи масивно модно фијаско на некој престижен планетарен настан за да можеме да правиме разлика. А толку многу модни настани не очекуваат следниот период што со сигурност ќе има простор за модни полемики. Ние пак едвај чекаме да ни се случи нешто модно. Нити имаме модни настани нити нешто интересно се случува. Си коментираме локално кој како бил облечен во кафуле или на свадба. Толку! Ама есента е пред нас. Верувам дека доаѓаат нови бранови на модни перформанси. И во нив очекувам нешто наше уникатно дизајнерски добро.

И уште нешто... Не значи дека таму некаде се е тренд и се е беспрекорно добро. Со резерва прифатете ја нивната облека и не копирајте веднаш. За некои од тие ѕвезди можеби има причина зошто така се облекуваат. Со доаѓањето на четирите големи светски модни недели ќе видите дека модата повозвишено ќе биде презентирана.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
22 август 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
994 пати