Убавината на советувањето е во разноликоста на изборот

13 јуни 2018

Автор: Небојша Толески Од добри совети никогаш доста. Добредојдени се во секое време и во секакви ситуации. Но, колку и да се трудиме да дадеме адекватен совет, секогаш ќе има незадоволни. Тоа е нормално бидејќи некогаш и вистинските совети не му "пасуваат" секому. Но, најинтересни ми се оние кои не сакаат совети.

Некои бидејќи се „сезнајни", некои поради наивност, а некои едноставно не слушаат никого, ама сепак се незадоволни од изгледот. За нив е најдобро да им посочиме дека постојат вистински директни и искрени одговори на некои од прашањата што ги мачат, а не сакаат јавно да ги постават или да се советуваат. Па така, ако се прашувате како да изгледаде послабо во кратко здолниште, одговорот е ослабете. За да не се мислите како ќе издржите во високи потпетици цел ден- облечете патики. Ве мачи тоа што не знаете како да се нашминкате како професионалец? Платете професионалец шминкер. Не знаете што да облечете за некоја гала свеченост? Повелете кај моден дизајнер или модна куќа! А ако се размислувате како да ослабете до почетокот на летото одговорот е едноставен- одете во теретана. Доколку не знаете (или како ќе знаете) што ви стои добро, погледнете се во огледало. Бидејќи многумуна сакаат да изгледаат скапо, треба да си купат и скапа облека. Има решение и за фармерките кои сакате да ви стојат совршено, а не ви стојат... Тогаш не купувајте фармерки помали за два конфекциски броеви.

Сакате омбре фризура и коса во неколку нијанси? Фризерите ве чекаат! Ваквите ултимативни совети се и ултимативни вистини. Но, секој од нив остава простор за алтернативно решение. Убавината на советувањето е во разноликоста на изборот. Не мора да прифатите нечиј совет, но сослушајте. Некогаш можеби ќе се изненадите од исходот на советот, некогаш не, но дозволете си повеќе мислења. Збирот на сите нека биде ваша мала победа кон посакуваното.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
13 јуни 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
262 пати