Урнебес на модна писта

4 април 2018

Автор: Небојша Толески Текстилната индустрија претставува една од водечките преработувачки индустрии во земјава. Само во првите три месеци од 2017 година, извозот на текстилни производи од Македонија кон светот изнесува 136. 6 милони долари! Во 2008 година изнесуваше 766 милиони долари! Многу пари за така мала, неприметна модна сцена.

А, дизајнерите тапкаат во место, или некој ги тапка по рамо дека имаат супер колекции. Нема напредок се додека не се усогласат текстилната индустрија и модните дизајнери. Се останато ќе се сведе на Моден викенд и парада на недефинирани колеции во кои се потрошило труд и сретства за исходот да биде неприметен. Манифестацијата е одлично место за презентирање, нуди солидни можности и има одличен пи- ар, иако организаторот треба да се погрижи во прв ред меѓу другите да седат купувачи (баери), а не напрчени усти. Оваа сезона само се потврди дека и соседните земји оддамна ни се модно далеку.

Инспирации во текстуален дел ( соопштенија кои ги даваат дизајнерите за тоа каква им е колекцијата) чиниш бајка, на лице место урнебес. Колекции далеку под просекот на кој сме навикнати. Порано демек имавме просек, ама сепак некако поинаку беше. Безидејни решенија, нецелосни колекции, длабоки прекини во текот на мислата, разработката, оригиналноста... Непрактични парчиња, несоодветни материјали, превземени идеи, слаб концепт. Иако се работи за млади дизајнери треба и тоа како да се свесни за сето она што го создаваат. Вистина е дека се потребни многу финансиски средства за реализирање на замисленото, но замисленото може да се реализира многу полесно ако се има осет, чиста визија и трпение.


Сепак, имаше и колекции на дизајнери кои вистински си го одработиле своето и останале свои презенирајќи ни префинета мисла, целосно заокружување на една целина, итро потпирајќи се на знаење. А знањето не е само во интерпретацијата, туку и во умешноста да се биде оригинален, допадлив и убедлив. Но, ни од далеку Моден викенд не е целата слика на нашата мода. Неучеството на другите етаблирани дизајнери не значи дека ги нема. Но, за тоа во друга прилика...

Во ред е да се критикува кога критиката е на место. Не со плукање туку со вистинска опсервација. Така се гради поздраво општество, се отвараат дебати, се добиваат нови идеи, нештата можат да се придвижат. Продуктивно е да си ги увидиме слабостите или некој да ни ги укаже за утре да бидеме подобри, посвесни и до каде ни е капацитетот.

Секое чудо за три дена велат. Ќе се заборави колекцијата, ќе стивнат коментарите... После следи продажба на сработеното. Дали некој ќе ве „купи", самите си пресудувате!

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
4 април 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
951 пати