Вашите години се најубавата облека

3 мај 2018

Автор: Небојша Толески Распнати помеѓу куп училишни предмети, оцени и стрес, матурантите дополнително се стресуваат и од помислата што ќе носат на матурската вечер. Многу од нив ова го сфаќаат како да е настан во ранг на Оскарите. И родителите ја преживуваат голготата. Сакајќи да му угодат на своето дете подигнуваат кредити, закупуваат ресторани и хотели, паника ги фаќа. И сето тоа за еден ден кој не е ни свадба ни дипломска.

Но, тоа воопшто не значи дека не треба да се потрудите да изгледате убаво за вечерта. Не претерано, туку усогласено спрема годините, вашиот карактер и личниот стил. Многу од вас се уште се борат со пронаоѓање на соодветен стил ама тоа не е така страшно земајќи ја во предвид вашата младост.

Страшно е да се облечете како да сте многу постари, страшно е да направите циркуз од себе и најмногу од се, страшно е да бидете Тејлор Свивт, а не сте. Затоа бидете оригинално едноставни. Одберете го она што ви стои, што ќе ве направи среќни и задоволни без да претерувате. Ние имаме одлични модни дизајнери и модни куќи кои можат да ве насочат во идејата, да ви дадат професионален совет па ако процените дека вреди, прифатете го. Не значи секогаш дека многу ќе ве чини. Исто така, имате супер избор да си видите интересни креации од светските дизајнери кои можат да ви послужат за инспирација и нешто слично да сошиете. Но, не иста креација, туку нешто во кое ќе ја додадете вашата имагинација и нема да копирате. Не се трансформирајте премногу, бидете исти со себе, само малку подотерани.

Никако не дозволувајте да ве излаже вашето око! Облечете го она во кое нема да ви биде непријатно и она во кое ќе бидете вие и никој друг. Бидете среќни во креацијата и уживајте во неа. Нека не ве заморува помислата дека некој друг е поубаво облечен. Секој со своето, ТИ со твоето. Запомнете дека секој може да облече фустан, да се нашминка и да си направи фризура... Во друго лежи клучот! Моќта на најубавото кај вас се вашите години. Живејте ги со полн здив. Ве чекаат нови предизвици, танцувајте низ нив насмеани и запомнете дека најубавата облека ја носите токму сега!

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
3 мај 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
325 пати