Види ме, брендирана сум

5 септември 2018

Автор: Небојша Толески Една госпоѓа секој ден го шета своето куче во паркот каде што живеам. Еден ден ја видов прекрасно облечена. Во долго лелеаво свилено здолниште со точки и исто таква кошула, сето тоа во нежна розова боја, а дополнила со бежови чевли и зелена чанта. Дури и го облекла кучето слично како неа. Беа како за на насловна на некое списание. Седна на клупата во паркот, а јас бев блиску до нив.

Одеднаш, птици кои беа на дрвото до клупата пуштија измет, ама сите како синхрониирани заедно. Сцена како на филм! Ја направија госпоѓата јок! Почна да вика, да се брише, да ја фака паника. Нејзината облека беше непрепознатлива. Сега наместо точки имаше поголеми кругови. Не се насмеав. Секому може да му се случи. Пријдов до неа и и понудив влажни марамчиња. Кога ми упати еден остар поглед, мислев ќе ме истепа. Со гласен и дрзок тон ми рече- дечко, ај молим те тргни се, не гледаш дека моево „Диор" здолниште пати. Ми е гајле за кошулата на „Кавали"! Се тргнав веднаш без збор. Да и пати здолништето? Па патеше да ви кажам така целото со „подароци" од птици. Заклучив дека се работи за личност која сака скапа брендирана облека и која ужива да ја носи. Но не ми беше јасно зошто мораше да ми каже дека сето тоа што го носи се брендови? Убавината на нејзиното облекување се гледаше од далеку така што немаше потреба ни да спомне што носи. Можеби за да се пофали, или можеби за да го искаже својот статус... не знам навистина. Вистинските дами не одат со етикетите на облеката извадени надвор. А денес, се повеќе гледам дека таквите како неа обожаваат да се перчат со брендови, па дури и ако може целото име да е испишано на нив. Дискретно да, не дискретно никако. Секако дека е убаво да се носи таквата облека доколку некој може да си ја дозволи, но убаво би било да не мавтате со „Фенди" чантата или фустан на „Балман".

Јас лично уживам да гледам некоја девојка облечена во скапа брендирана облека која не ја истакнува со гестикулации и со замки од типот „погледни, ова ми е најново". Некоја која знае дека сето тоа може да си го дозволи, а сепак со леснотија може да седне, да чекори, да си прави муабет како и сите ние останатите.

Синдромот „види ме, јас сум бренедиран/а е присутен и на социјалните мрежи. Таму толку многу е тоа изразено што не знаеш дали лажат или се лажат, или е вистина. Од друга страна, денес има толку многу копии на облеката од светските дизајнери што дури и да не може да се препознае дали е оригинал или „фејк". Облекувајте се паметно! Носете и брендови, никој тоа не ви го брани. Ама бидете нормални, со вистински вредносни критериуми, без непотребна фама.
Заборавив да кажам дека кучето од госпоѓата беше облечено во „Пош Папи" ама тоа само си лаеше...

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
5 септември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.142 пати