Во чевлите на продавач на уличен печат...

4 февруари 2016

Оваа недела е Меѓународната недела на продавачи на уличен печат. И кај нас ги има. Често ги гледаме, но веројатно исто толку често и ги одминуваме.

Им се јавив на пријателите од „Лице в лице“, со желба да се запознам со некој од нивните продавачи. За вас што уште не сте се сретнале со ниту еден член од оваа платформа за активизам и она што го прават, накратко ќе ви кажам дека тие се и самостоен независен медиум што низ страниците третира голем број општествено одговорни теми, вклучувајќи ги и социјалните, а во нивниот тим се и речиси 40-тина продавачи од различни социјални и маргинализирани групи. Продавачите ги ангажираат преку 10-тина партнерски организации. За секоја група продавачи е одговорен ментор, а тимот од оваа платформа им помага во подобрување на комуникациските и продавачките способности. Инаку, платформата „Лице в лице“ е дел од интернационална мрежа на уличен печат во која членуваат вкупно 114 списанија од целиот свет.

фото: Лице в лице

Меѓу овие 40-тина продавачи се и Перјан Демир (51) и Анабела Мердиева (35). Токму со нив две јас вчера имав можност малку да другарувам. Пепи и Анабелче, како што ги викаат нагалено, се тим! Нивната заедничка приказна датира од поодамна, од Демир Хисар, за потоа да продолжи во „Порака Неготино“ (Центарот за помош на лица со ментален хендикеп), но со оглед на тоа дека сега се деинституционализирани, во моментов се сместени во Скопје, поточно во Волково, каде се наоѓаат неколку згрижувачки куќи во сопственост на „Порака – Неготино“.

Анабела и Перјан

Велат, овде им е подобро. Времето поминато во Демир Хисар го паметат како исполнето со многу несветли, недраги моменти. Работеле физичка работа што не им носела радост. И во Волково работат, но со задоволство. Тука се грижат за градината, за домаќински работи и за помалите девојчиња, што им носи насмевки. Анабела сака музика, а Перјан и рачни изработки. Во една куќа се шестмина. Имаат и повозрасна жена што се грижи за нив.

-Таа ни ги чува парите што ќе ги заработиме. Нешто чуваме и за заедницата. Да си купиме телевизор... – вели Перјан.

Заедно си помагаат и се бодрат. За сè, па така и во продавањето на „Лице в лице“.

Уште кога влеговме во просторијата и се запознавме, тие нè пречекаа со насмевка. Всушност, тие речиси секогаш се смеат. Полни се со љубов и многу сакаат да се гушкаат. Особено Анабела.

Седнавме да си помуабетиме и ги прашав како изгледа еден нивни ден. Двете во исто време одговорија со голем жар и нетрпение: „Многу весело!“. Си помислив, кога последен пат јас сум воскликнала така за некој мој ден... Но, го продолживме муабетот.

Анабела Мердиева

-Многу се радуваме што сме овде. Што продаваме. Многу сме среќни и задоволни. Научивме многу – почна Анабела, па се надоврза Перјан:

-Секој ден доаѓаме и многу сакаме да продаваме, да се дружиме. Продаваме и разгледници и одлично ни оди!

Ми се пофалија и дека во летниот период успеале да продадат дури 450 списанија, а завчера имале исто така успешен ден, продале осум разгледници.

Инаку, да, тие две секој ден доаѓаат од Волково до Аеродром, менуваат два автобуса за да продаваат, но патот велат, не им претставува проблем. Со „Лице в лице“ поминуваат еден до два часа. Списанието чини 100 денари – од кои 50 се за нив.

А за тоа што си купуваат од парите што ќе ги заработат ќе кажат:

-Па сè. Телефон. Си купуваме картички за да го дополниме кредитот на телефонот, си купуваме за јадење и за пиење. Се чувствуваме корисно – потенцира Перјана, на која телефонот ѝ е потребен да се слушне со нејзините роднини, а Анабела не пропушта да додаде дека омилено јадење ѝ е гулаш со шпагети.

Искуството со продавањето списание им донело и нови пријателства.

-Имаме многу другарчиња, се дружиме и со другите продвачи. И сè си делиме – велат двете.

Жармена Божиновска, нивниот координатор и Климентина Илијевски, извршниот директор и главен и одговорен уредник на „Лице в лице“ ни кажаа дека Пери и Анабелче се едни од најдругарски и најсолидарно настроените продавачи. Доколку со нив дојде уште едно другарче или „колега“ од продавачите, а притоа има попреченост во говорот, тие ќе ја завршат и работата за него. Ќе се дружат заедно, а на крај заработката ќе ја поделат на три.

 

координаторката Жармена

-Преку продажбата се социјализираат, се одвива надвор. А тоа е многу важно. Многу често лицата со попреченост во развојот се затвораат, гетоизираат, да се дружат само со нивната заедница. Затоа и ние не гледаме многу вакви лица на улиците, што не е случај во западно-европските земји –објаснува Илијевски.

Ги прашав имаат ли неостварена желба.

-Јас би сакала да си ги пронајдам родителите и да најдам работа за да се осамостојам – конкретна е Анабела.

Перјана посрамежливо, но не помалку искрено вели:

-Само да е сè добро! Сакам да се видам со моите, со сестра ми...

Некаде пред крајот ги замолив да ги фотографираме. Анабела ме праша зошто. Не ѝ беше јасно зошто моден портал како нас, би ги сликал нив.

-Ние пишуваме и животни приказни Анбелче. А, сакаме да ве фотографираме за да можат уште повеќе луѓе да ве запознаат, да прочитаат што правите и колку сте вредни – се обидов да објаснам јас.

Но, пред да излеземе, останав уште малку да поразговарам со Жармена и Климентина.

Перјан Демир

-Тие ни внесуваат светлина во канцеларијата, со нивната добрина и енергија.– вели Жармена.

- Сакаат нови луѓе, луѓе им требаат. Со многу малку се задоволуваат. За нив е доволна пофалба, прегратка. Можеби тие немаат голем успех на продажба, но најблагодарни се за работа – се надоврза Климентина.

Освен со лица со интелектуална попреченост, меѓу продавачите има и младинци од улица, претходно згрижени во центарот за грижа за деца од улица, кои се и најмногубројни, потоа лекувани алкохоличари, бездомни лица, најчесто ангажирани преку „Црвен крст“ и социјално загрозени групи, лица со посебни потреби..., а возрасната граница се движи од 16 до 62 години.

фото: Лице в лице

-Треба да се работи трпеливо со нив. Тие си ги носат проблемите секаде. Да им се укаже на грешките пријателски. Постојат специфични ситуации кога не знаеш како да се однесуваш. Ќе ги искарам понекогаш, но не можам да преземам ригорозни мерки. Се случувало кратко да ги исклучам од продажба, додека да видам дека сфатиле каде згрешиле – објаснува Жармена, или „Жарменчето наше“ како што ја викаат Анабела и Перјана, за која и вработените и продавачите велат дека е најдобриот координатор на свет.

Откако го завршивме разговорот, изглеговме надвор, во близина, за да можат и двете да ми демонстрираат што и како научиле во последните три години, колку што се дел од оваа платформа.

-Добар ден. Ние продаваме списание „Лице в лице“, полно со различни содржини – почнува амбициозната Анабела.

Ја кажуваат цената и ве гледаат во очи, со мила подзаскриена насмевка. Со мене беа и повеќе од успешни.

Но, си реков да се обидеме со некој друг. Во близина имаше група луѓе, вработени во околните продавници. Се приближивме, Анабела и Перјан како и многупати досега, културно и милно пристапија. Овој пат со моја поддршка. Немавме успех. Но, не беше тоа ништо страшно. Пострашно беше што некои од нив имаа намуртен израз на лицето. Да не речам изнервиран. Не го испија кафето на раат. Башка, имаше и фотограф.

Но, Пепи и Анабелче ништо не ги обесхрабрува. Изгледа како и да не го гледаат лошото. Ним им е важно да бидат успешни продавачи, да добијат пофалба, но уште повеќе од сè – да добијат љубов, пријателство, прегратка.

И јас добив прегратка на крајот. Нè поканија да дојдеме повторно, да се дружиме. Им ветив дека ќе дојдеме.

Во чевлите на еден продавач на уличен печат.... Сакав да бидам, да видам, да почувствувам. Но, не можам да кажам дека бев... Времето што го поминав со нив беше кратко за да можам сосема да ги разберам и за да им влезам во кожа. Но, има работи што веднаш се гледаат. И оние убавите. И оние другите. Анабела и Пепи се светлата точка, пример дека и лицата како нив можат да се социјализираат, дека и со нив може да се разговара и да им се пристапи, само треба да се знае како. Тие прават мали чекори, но значајни и за оние што ќе дојдат после нив. Ништо не е невозможно, ако знаете како. Или сакате да дознаете.

Вчера бев лице в лице со нив, а потоа и со самата себе. И следниот пат кога ќе ги видите Анабела и Перјан, или било кој од другите продавачи, доколку ги немате тие 100 денари (што некогаш ги трошиме на глупости, а тие на неопходни работи), барем бидете љубезни и сослушајте ги. Вратете со насмевка. Тие тоа го заслужуваат. И повеќе од тоа.

Објавено:
4 февруари 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
720 пати