Време е за нови желби

15 декември 2015

Ако ја пишував оваа празнична колумна пред три години, ќе си посакав на Fashionel да му се случи она што му се случуваше оваа година.

Тогаш Fashionel беше идеја, а денеска по неполни три години идејата доби свој автентичен лик, препознатлив идентитет, суштина и глас, компактни форма и содржина.

Зад сето тоа: тим!

Во време на егоцентризам и „јас", Fashionel е „ние". Тим што се надополнува, инспирира и што си помага меѓусебно е есенцијата на успехот. Годинава што изминува нè соочи со бројни предизвици и премрежја, што ни донесоа нови искуства, а од друга страна кога навистина го љубиш тоа што го работиш и си сигурен во тоа што го работиш, ќе научиш да пливаш дури и кога струењата се спротивни на твојата интуиција. Годинава, без компромиси, научивме да „пливаме", а интуицијата не нè излажа.

На последниот редакциски состанок го премотавме филмот од почетокот на 2015. Има на што да сме горди! Прво, им честитаме на креативците на македонската модна сцена, затоа што го одржуваат ентузијазмот на својот креативен дух дури и кога сè е сиво и второ заради тоа што тие се првата причина поради која Fashionel постои. Затоа заслужено тие се нашиот „must have".

Она што ни е исклучително значајно, е тоа што нашата публика е хетерогена. Луѓе за кои никогаш не би ми паднало на памет дека модата ги „допира", станаа наши редовни читатели. И ја знам причината зошто е тоа така. Гребеме под површината, како што би кажала мојата колешка. Првата задача што си ја поставивме уште кога го профилиравме идентитетот на Fashionel, беше да одиме до суштината на нештата. Затоа, низ нашите содржини ќе прочитате и за проблемите со кои се соочуваат нашите модни агенции и модели, не само за нивните интернационални успеси.

За инспиративниот извор материјализиран во нова колекција на нашите дизајнери, но и за нивните предизвици при пласманот на производот на пазарот. Ќе прочитате и за ликови кои можеби директно немаат никаква релација со модата, но по едно искрено интервју ќе откријат дека и тоа како внимаваат на нивната надворешност како рефлексија на нивната внатрешна состојба. И ќе уживате во одлични фотографии – секогаш со приказна, никогаш случајно.

 Еден таков амбициозен проект на кој работевме неколку месеци годинава, ни постави уште повисоки критериуми во размислувањата. „40-те се новите 20-ти" го посветивме на жените кои животот ги „натоварил" со големи успеси на кои им претходеле и многу искушенија, жени мајки, жени кои не се разочарале од привремените падови, туку ги направиле уште помоќни и поамбициозни. Секоја од нив потполно различна, а сите со добра намера застанаа пред нашиот фото објектив и несебично ни дозволија да бидеме нивното ново огледало барем за неколку добри фотографии за кои сум сигурна дека ќе им останат во пријатно сеќавање врамено во нивната меморија.

2015 беше и година во која добивме нов визуелен лик. Имавме реална потреба, како созреваше нашата содржина и тежината на зборот, да ја промениме и формата во која сето тоа е спакувано. А вие нè наградивте за тоа! Денеска во нашата редакција се вративме со уште едно признание за нашата работа, од вчерашната традиционална манифестација „Сајт на годината" каде бевме наградени за Сајт со најдобар дизајн за 2015 година. Убаво заокружување на една целина...

Додека ја пишувам колумната ги слушам U2, завршувам со „Beautiful day". Ништо не е случајно...
Време е за нови желби!

Стајлинг: Fashionel.mk

Комбинации: Fashion Group

Шминка и фризура: Елена Лука

 

Објавено:
15 декември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.516 пати