Време на лажни идоли

31 мај 2016

Секоја генерација има свои идоли. И нема ништо лошо во тоа да видиш „идеал" во некој што ќе те инспирира да станеш најдобрата верзија на себе. Ќе те натера да вложуваш во својот интелект, талент или во своето ментално зреење.

Идоли што поврзуваат бројни генерации како Принс, Кокер или Боуви, оставија зад себе животни лектири што сигурно ќе послужат како есенцијални „четива" за ментална хигиена на уште многу идни генерации.

Но, кој ги заменува? Не, не во смила дека било кој и било кога би можел да ги замени Принс, Кокер или Боуви, но во кого се огледуваат мнозинството од денешниве генерации млади луѓе, особено тинејџерите?

Имам чувство дека овие ликови што благодарение на мас-машинеријата се наметнуваат како влијателни „примероци" на кои се огледува младината, се лажни, инстантни, празни и лесно моделиран материјал за брза заработка - како пластелин. Ги обликуваат онака како најлесно би оствариле профит на сметка на соништата на нивните млади фанови.

Ми се превртува утробата кога, (ако воопшто се репер социјалните мрежи, а со оглед на нивното огромно влијание, веројатно укажуваат на некаква статистика) ќе видам како млади луѓе, во зенитот на својот физички и ментален раст, се воодушевуваат на пластика, вештачки творби, „зданија" кои со ништо не го заслужиле нивниот восхит освен со тоа што на истите тие им се восхитуваат и другарите од нивната генерација. И така настануваат copy-paste генерации каде она најсуштинското, индивидуалното останува потиснато од стравот да не се биде исклучен од мнозинството.

Напротив, вистински идоли, ако може така да ги наречам, се оние кои ќе ве ослободат од таквите стеги и кои ќе ве поттикнат да го пораснете индивидуалецот во себе, зашто нашата човечка природа така ни налага – сите сме различни и во тоа е убавината.

Па, според ова, за жал идолите, односно оние кои се наметнале како влијателни во денешницата, се лажни. Затоа што тие ви налагаат да им се восхитувате, а не да ве инспирираат. Да ги копирате, а не да ве натераат да станете подобри дури и од нив. Тоа се лажни идоли кои создаваат лажни соништа.

Разбудете се, само вие и вашата генерација ја имате моќта да ги вратите вистинските животни вредности.

Објавено:
31 мај 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
4.025 пати