За кого се облекуваме?

25 април 2016

Која е поентата ако купуваме облека во која не се чувствуваме свои? И најубавото парче ја губи суштината и сјајот ако го носиме без волја. Облеката треба да придонесе да се чувствуваме задоволни со себе и да зборува за нас, а не да одговори на барањата и очекувањата на околината.

Eдноличноста и претопувањето во масата му се „закануваат" на уникатот на нашата една и единствена личност. Имам чувство дека со глобализацијата се измешаа критериумите што е мода и тренд, а што стил, па општото се префрли на индивидуално ниво.

Tинејџерите наместо да експериментираат со имиџот во возраста кога тоа е сосема легитимно, најголем дел од нив се униформирани во онаа најсигурната варијанта што им е сервирана преку медиумите (особено со акцент на социјалните мрежи), а се смета за општо прифатена во нивното опкружување.

Што ќе кажат другите? - е товарот на мислата поради која отсуствува храброста да се отстапи чекор понапред од масата. Токму стравот да се биде отфрлен од мнозинството (особено во период на адолесценција кога ја дефинираме својата личност од секој аспект), најмногу придонесува кон едноличноста. Па ајде да размислуваме во боја.

Се сеќавам на една мисла која честопати, кога јас бев тинејџерка, ја користев како „оправдување" за мојот имиџ: Нема шизик без ризик! Па често знаев да експериментирам со се што спаѓа во визуелен имиџ, се до моментот кога точно го дефинирав својот стил.

Голем дел од генијалните уметници во модната индустрија, оние кои им се идоли на денешните генерации и кои ги поставиле постулатите на модните правци, во свое време биле „дисиденти", чии што идеи поширокото општество во прв момент не ги прифаќало. Тоа е најчест случај на секоја авангарда независно за која животна сфера се работи (така е и во музичката индустрија, театарот, литературата, социологијата...). Но, сè си има своја цена. А индивидуалноста мора да ја зачуваме по секоја цена!

Објавено:
25 април 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.092 пати