За сите што денес си ја потпевнуваат „Скопје радост ти ќе бидеш“...

13 ноември 2019

„Многу беше убаво порано, навистина немам зборови да опишам. Јас пораснав во Ѓорче, а центарот на Скопје почнав да го запознавам кога бев средношколка“, ја почна приказната тетка Цаци, родена скопјанка, која потекнува од семејство стари скопјани.

Разговорот за градот во кој и двете сме пораснале, но имаме сосема други впечатоци, и кај неа и кај мене буди емоции.

„Се сеќавам дека сите одевме да пазариме во старата Стоковна куќа „Нама“ (денешен „Сити галери“). Но, она во што уживаа сите млади беше корзото. Од 18 до 21 часот беше времето кога излегувавме. Делот околу хотел „Македонија“ беше многу интересен, имаше многу дрва, зеленило. Таму најчесто седеа помладите. Делот околу „Кармин“ и „Лотарија“ беше за оние повозрасните, што се за мажење/женење. На местото каде што сега е споменикот „Александар Македонски“ беше огромен плочник и тука секогаш имаше големо друштво. Доаѓаа од сите делови на градот. Дневната шема на мене и другарките ни беше во „Ванила“ и кај „Чичко Стоилко“. После часови знаевме да се упатиме накај слаткарница која се наоѓаше кај „Арапска куќа“, имаше прекрасни шампити таму и секогаш со уживање одевме.

Во времето кога завршував средно, почнав да одам и во диско. Во Ѓорче имавме едно, така што почесто одев таму отколку во центар. Диското се викаше „Григор Прличев“ , а се сеќавам дека свирки имаа „Бис-Без“. Се пееја песни од „Битлси“, рок музика имаше најчесто и беше многу интересно.  Генерално, тогаш имаше многу македонски бендови и музика, кои свиреа и странски репертоар. Немаше ѕвезди од Србија како денес. Во тоа време девојките носеа мини здолништа. Леле колку кратко носев :) Но, таква беше модата. Мини здолништа во комбинација со долги плетени мантили. Некои имаа и од чоја, но плетените беа попопуларни. Се носеа и ѕвонарки, ама оние каде што ногавицата е тесна и на крајот се шири во огромна ѕвонарка. Веќе во втората половина на 1970-тите ги добив и првите фармерки. Се купуваа од Италија, а почнаа да се носат и сандали на плута.

Матурската ја славевме во хотел „Континентал“, а после забавата таму, отидовме кај класната дома. Сопругата на Матеја Матевски беше мојата класна, професорка по македонски, која цел клас го пречека во својот дом со благо, со сокови, ептен домаќински. За да го подготви сето тоа замина малку порано од матурата.

Тогаш дружбата беше вистинска“, се присеќа тетка Цаци, која сведочела на многуте трансформации на градот.

За Скопје некогаш го прашав и татко ми. Тој во главниот град доаѓа во 1974 година. Има 20 години и во тоа време со другарите ги „шетаат ѕвонарките“ на легендарното корзо.

„Како младо момче најмногу сакав да излегувам на корзо. Од кај хотел „Бристол“, па сè до плоштадот и кафеана „Македонија“ (на местото на денешен „Мериот“). Таму седевме после шетањето. Не се остануваше после 22 часот, и тоа беше веќе доцна, сите си заминуваа по дома. Знаевме да прошетаме и околу кеј. Потоа во ГТЦ се отвори „Ванила“ и таму продолжија дружбите. Кај хотел „Гранит“ (денешен „Холидеј Ин“) имаше диско, па со другарите одевме и таму. Во тоа време имаше и многу стоковни куќи. Имаше на плоштад, потоа во Чаршија имаше две, „Осми март“ и „26 јули“, па имаше и стоковна куќа „Беко“ и народот ги сакаше тие места. Убаво беше Скопје тогаш и многу се дружевме. “, ми раскажуваше татко ми за златните години.

Инаку, старата стоковна куќа за која зборуваат и двајцата, „Нама“ била изградена во 1959 година и за тоа време бил неверојатно модерен, посебно ако се земе предвид дека имал и ескалатори, па не чуди и фасцинацијата и желбата на луѓето да ја посетуваат.

Во 1956 година администрацијата на Скопје организира затворен конкурс за дизајн за стоковна куќа на централниот плоштад во Скопје. Локацијата на објектот е наменета за дооформување на централниот простор, лоцирана помеѓу Стопанската комора на северната страна и станбена зграда на источната страна формирајќи аголна парцела која со две страни се отвара на плоштадниот простор. Славко Брезовски е победник на конкурсот и е проектант на изведената состојба.

И без разлика што едниот од нив е роден тука, а другиот дошол да ја бара својата среќа, и на двајцата овој град им е дом. Како и на многумина денес.

Јас го паметам Скопје и кога плоштадот „Македонија“ беше широк и имаше совршен цветен аранжман на средината, каде што сега е Александар Македонски. Го паметам и Камени мост навистина од камен, како и стоковните куќи во Чаршија за кои ми зборуваше татко ми.

Го паметам и „Чичко Стоилко“ кој ги одбележа и нашите школски денови, а кој за жал веќе го нема. На местото на „Ванила“ дојдоа „Вегера“, „Жито“ и многу други пекари...

Стоковната „Беко“ веќе не постои. Диското во кое одел татко ми, било „Мусандра“, но во „мое време“ беше „Миднајт“, а сега е некое друго. Автобусите се други. Спроти „Мекдоналдс“ се наоѓаше легендарната „Бамбус оаза“...

За 30 години, Скопје се измени толку, што и моите сеќавања се веќе сеќавања на „старо“ Скопје.

На уште многу нешта можам да се сетам, но не и на безгрижноста.

„Многу се дружевме. Кај луѓето не се чувствуваа грижи, имаше за сите сè. Со смртта на Тито, почнаа да се чувствуваат промените, а со распадот на Југославија уште повеќе – тогаш започна и инфлацијата. Мојот син беше бебе, но немаше никаде банани каде да се купат. Немаше прашок, масло за јадење, основни работи... Но, и тоа се преживеа“, вели тетка Цаци.

Да, се преживеаја многу работи, но безгрижноста не се врати. А токму такво Скопје би сакала да видам.

Кога ќе продишеме и Скопје и ние што сме под негов покрив?

Денес кафулињата се полни, секаде е раздвижено, но другарството вистинско го нема. Кога последен пат некој искрено ве прашал „Како сте?“ Секој некаде брза денес, како да нема утре.

Има Скопје уште многу убави места, но сè помалку ќе можеме да ги видиме, бидејќи се гуши. Низ скопските улици и на прагот од новата деценија се шета, се разговара, тагува, гушка, љуби...

Сите си ја потпевнуваме денеска „Скопје радост ти ќе бидеш“, како химна на нашите желби... Но, за радост да биде, мораме да му помогнеме, да му вратиме за прегратките што ни ги дава...

Поздрав од Скопје!

 

фото извор: marh.mk; facebook.com/pivaraskopje; facebook.com/stariskopjani;

Објавено:
13 ноември 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
454 пати
Тагови: 
Скопје