Дуке Бојаџиев: Концертот ќе биде фузија на џез, класика, поезија и изворна музика

10 мај 2018

Дуке Бојаџиев утре и задутре ќе ги почести љубителите на неговата музика со два концерта насловени „Сон Верба Љубов“, кои ќе се одржат во Македонската филхармонија.

Токму таму се одржа и денешната средба со новинарите, а освен Дуке, присуствуваа и дел од тимот што ќе настапи со него на претстојните концерти.

Тијана Дапчевиќ, Исмаил Лумановски (кларинет), Костас Анастасиадис (тапани) и Мартин Ѓаконовски (контрабас) се оние што ќе ја создаваат магијата на сцена и ќе ја пренесат на публиката.

„По речиси две години пауза се враќам во Македонија со два целовечерни концертни настапи и огромна радост ми причинува што за првпат ќе настапам во новиот објект на Македонската филхармонија. Музичкиот тим кој стои зад мене, не се само мои долгогодишни соработници, туку и пријатели чиј професионален багаж бескрајно го ценам. На мое огромно задоволство за првпат со мене ќе настапува и мојата долгогодишна пријателка Тијана. На програмата ќе биде дел од мојот авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов, како и дел од моето поново филмско творештво“, рече Дуке.

Инаку, Тијана и тој се пријатели повеќе од 20 години, а открија дека нивните први заеднички настапи датираат уште од времето кога настапувале во МРТВ, но ова ќе биде нивен прв заеднички концерт во живо.

„Немаме оправдување за тоа зошто досега немаме заеднички концертен настап. Другаруваме од мали и многу сум возбудена што ќе бидам дел од овој музички тим и што ќе настапам во салата на Филхармонија, каде некогаш си помислував дека можам единствено да настапам свирејќи. Иако со Дуке се гледаме многу ретко, сепак времето не направило јаз меѓу нас, напротив, секоја наша средба е толку пријателска и блиска, како да не сме се ни разделиле“, сподели Тијана.

И Исмаил Лумановски го сподели своето задоволство што ќе ја дели сцената со сите врвни музичари пред домашната публика.

„Има повеќе од 10 години како се познаваме и настапуваме заедно. Дуке е неверојатен музичар и многу ми е драго што ме покани и овој пат да го споделиме заедно музичкото уживање и што ова пријателство и соработка толку трае. А и ќе трае во иднина“, изјави Лумановски, кој го запознава Дуке преку Мартин Ѓаконовски.

Според сето споделено, се работи за екипа кој одлично се познава, а уште подобро ја чувствува музиката која Бојаџиев ја создава, па нема сомнение дека публиката може да очекува уникатно музичко доживување.

Покрај нив, на сцената ќе настапат и актерката Наташа Петровиќ како вокал со нумерата „Сон“, а на сцената ќе пренесе и дел од стиховите на поетесата Ана Бунтеска, како  и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како  виолевиолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.

И двата концерта се со почеток од 19.30 часот.

 

Објавено:
10 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
291 пати