10 значајни филмски награди за „Стакло“ на Нина Маџиров во Холивуд и Њујорк

15 мај 2018

15-те номинации на 5 различни, значајни филмски фестивали во Лос Анџелес и Њујорк резимираа со 10 освоени награди за филмот „Стакло" (Glass) во режија на Амалила Рамирез, а во продукција на Нина Маџиров, која воедно ја толкува и главната улога во филмот.

Со емотивната исповед во краткометражната сентиментална драма по семејната трагедија, Нина го отвора пред публиката своето интимно соочување со мометите кои го прават срцето кршливо, но истовремено својата кршливост претварајќи ја во уметност.

Нејзината емоција во целиот процес и во секој сегмент на создавањето на „Стакло", допре до критичката филмска јавност во неколку значајни центри на филмската индустрија, меѓу кои Лос Анџелес и Њујорк. Сентименталната приказна посветена на нејзиниот татко Зоран Маџиров, имаше вкупно 15 номинации на фестивалите: Los Angeles Film Awards, Actors Awards, New York Film Awards, Top Short и Festigious, од кои 10 завршија со награда во повеќе категории за „Стакло".

-Една емоција, една сцена, два карактери и толку многу емоции. Нина Маџиров ќе го допре вашето срце со ударањето по шишињата. Таа го снимаше овој филм по смртта на нејзиниот татко, генијален музичар и ова е совршен трибјут за него, прекрасна едноставна приказна со големо срце", вели во својот коментар за филмот Roy Zafrani, директор на фестивалот Actors Awards.

„Снимајќи го филмот, сфатив дека доживеав една врста на катарзично искуство. Целосна тага, сите емоции, наеднаш испловија на површината. Јас сум тип на човек што моите емоции ги чувам и искажувам ретко. Но, кога станува збор за глума или лик (кој што не е Нина) сите емоции што постојат во мене, ми излагуваат како на палета полна со бои, подготвена за цртање. Целосно искуство, цела трагедија што се случи на моето семејство одлучив да го ставам на филмското платно. Секој миг на тага што го доживеав сакав да го претворам во нешто убаво", вели Нина.

Филмот го работи во исклучително тежок период полн со премрежја, но она што ја прави истрајна е вербата дека работи на и за нешто навистина важно во нејзиниот живот.

„Знаев дека работам на нешто вредно, на нешто за што цел живот ќе се гордеам, надевајќи се дека и татко ми се гордее со мене. Имаше еден момент на снимањето, кога го удрив шишето, знаев дека и тој е со мене. И само го слушнав гласот на татко ми "То бре Нинчи, оди само напред!" И тогаш почивствував спокој во мојата душа. Мојата режисерка само дојде, ме погледна, имаше една минута на тишина, слушнав само "CUT" и целата екипа во филмот почна да плаче и да ми дават аплауз. Е тогаш почувствував дека тоа е тоа. И тоа ми беше целта со тој краткометражен филм, да инспирирам некој. Може да кажам дека тоа и ми е целта како битие! Сакам да ги инспирирам луѓето на оваа планета! И едноставно сакав целосна трагедија да ја претворам во некоја врста на уметност. Татко ми ме научи да се изразувам со било каква уметност (сликање, музика, глума пишување) И секоја уметност на која што тој ме научи, ја искористив во филмот, од сликање, до пишување и чукање на шишиња. После цела пост-продукција, имав огромна трема како ќе реагира публиката на овој филм. Дали ќе разберат за што се работи, дали ќе им се допадне итн... Бидејќи беше премногу личен филм, една врста како прво роденче. Сакав да го заштитам од глупави и непотребни коментари. Сепак ми е прв официјален филм кој што го напишав, а истовремено и изглумив во него", ни раскажува Нина.

Добивајќи голема поддршка од нејзиното семејство, од професорите и колегите на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес каде таа студира, била одлучна да го пријави филмот на неколку филмски фестивали, без никакви очекувања.

„И така неочекувано добив 15 номинации на 5 различни фестивали. Од тие 15 номинации добив 10 награди на секој фестивал. Кога ме контактираа од фестивалите, се почувствував како да го освоив цел свет. За жал, сите тие награди не можат да ја исполнат празнината во моето срце што тагува по татко ми... Но, во сето тоа сфатив дека тоа што ти се случило не те дефинира како битие, туку твоите акции и избори во животот. Скршеното срце некако се претвори во еден куп награди што не е само мој личен успех, туку е и успех на целото мое семејство. Исто така и успех за Македонија! Би сакала да се заблагодарам на мојата прекрасна мајка, мојот брат и сите што бесконечно ме поддржаа и ми помогнаа целата моја замисла да стане реалност", беше искрена Нина.


Освоени награди:
Најдобра актерка – Actors Awards
Најдобра актерка – Los Angeles Film Awards
Најдобра актерка – New York Film Awards
Најдобра актерка во краток филм – Top Short
Најдобра актерка во краток филм – Festigious
Најдобра актерка во споредна улога – New York Film Awards
Најдобра режија – Top Shorts
Најдобра режија – Los Angeles Film Awards
Најдобра оригинална приказна – Los Angeles Film Awards
Најдобра инспиративна приказна – New York Film Awards

Објавено:
15 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
924 пати