58 172 аплаузи за „Госпоѓа Министерка“

2 февруари 2017

„Не ни сонував дека ќе доживееме 150 изведби на „Госпоѓа министерка”. Кога почнувавме, се надевавме на 40-50 изведби, но енергијата и поддршката од публиката нè донесоа до оваа фантастична бројка. Се надевам дека ќе доживееме барем уште толку изведби, иако јас потајно се надевам и на 500-ка”, се пошегува Весна Петрушевска на вчераодржаната прес конференција по повод големиот јубилеј, притоа не сокривајќи го задоволството и радоста.

Еден од најпрепознатливите брендови на МНТ „Госпоѓа министерка”, претставата која речиси шест децении е нераскинлив дел од оваа национална куќа, во своето „најново, петто продолжение” ќе ја доживее својата 150. изведба на 4. февруари со почеток од 20 часот.

Петрушевка е „министерката Живка“ од 28-ми март 2009 година, а е наследничка на легендарната Мери Бошкова која Живка ја играше претходните четири видувања (1953, 1965, 1977 и 1983).

Режисерот Наташа Поплавска најави дека “Госпоѓа министерка” во блиска иднина може да ја видиме во ново руво.

-Дојдов до податок дека при секоја обнова режисерот Димитар Ќостаров воведувал по нешто ново, интересно и актуелно во моментот на актуелната постановка. Во оваа смисла сметам дека и нашата  „министерка” треба да доживее нешто ново, односно заедно со сценографот Тања Блажевска, костимографот Александар Ношпал, треба да размислиме за некаков нов концепт и видување, односно да ја доведеме претставата во актуелен контекст - вели Поплавска.

Заедно со Весна Бејби, актерите Александар Микиќ (кому ова му е четврто преминување на 150-ката во различни претстави) и Нино Леви, се единствените кои ги “преживеале” сите 150 изведби на оваа веќе култна претстава.

-Интересно е што речиси секогаш се наоѓа нов мотив и причина одново да се изигра со речиси истиот жар и затоа никогаш не ни е здодевно - ќе каже Нино Леви.

Микиќ пак, за мотивот додаде:

-Секогаш кога сакам одново да се мотивирам, пред очи ми излегува моментот /сликата кога се видов на списокот на примени студенти на ФДУ. Тогаш мислев дека буквално сиот свет можам да го носам на моите плеќи, а се трудам тоа да го применувам и при секое мое ново излегување на сцена.

А дека “Госпоѓа министерка” е навистина бренд со кој МНТ треба и мора да се гордее говори и фактот посочен од директорот Дејан Пројковски што досега 149-те изведби ги виделе 58 172 гледачи.

-Ако ја споредиме оваа бројка ќе можеме да се пофалиме дека толку публика собира само на еден поголем европски и светски стадион - изјави Пројковски.

Во Министерка играат уште и Јелена Јованова, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Благица Трпковска, Марија Новак, Драгана Левенска, Софија Насевска -Трифуновска, Томе Витанов, Емил Рубен, Славиша Кајевски, Борче Начев Трајче Георгиев Магдалена Ризова-Черних, Даница Ѓеоргиевска Драгана Босниќ- Миленковска.

Тие што сè уште не набавиле билет, можат тоа да го сторат на билетарата на МНТ по цена од 300 денари.

Објавено:
2 февруари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
255 пати