Аеродром пулсира во ритамот на насмевките со „Гола месечина“

23 јуни 2014

За сите вас кои се презаситивте од фудбалот на Светското првенство 2014  или едноставно не сте личност која ужива гледајќи фудбал, Театар Комедија ви нуди одлична солуција како да го поминете времето додека останатите се преокупирани со најважната споредна работа на светот. Меѓународениот  фестивал на комедијата „Гола Месечина“, има основна и примарна цел да ве релаксира со максимално позитивно расположение и многу смеа.

Фестивалот пулсира во срцето на општина Аеродром на стадионот кај паркот со езерата. Официјалниот старт беше во саботата на 21-ви  јуни 2014, а честа да го отвори му припадна на театарот домаќин со претставата „Хамлет во пикантен сос“ во режија на Александра Кардалеска. Паркот немаше доволно место за да ги собере сите посетители и гости кои несомнено уживаа во примање на својата доза ендорфин.

За време на фестивалот публиката ќе може да ужива во осум престави, од кои шест  ќе бидат од македонските театри, Драмски, МНТ, Театар Комедија, и театрите од Битола и Струмица, а две ќе бидат од странство, односно од Босна и Херцеговина и Србија. Сите претстави  почнуваат во 21.00 часот, а влезот за сите посетители е бесплатен.

Оваа година фестивалот „Гола Месечина“ ќе има и натпреварувачки карактер, односно тричлената жири комисија ќе додели четири парични награди и тоа награда за најдобра режија, за најдобра машка и женска улога како и Гран При за најдобра претстава.

Вчеравечер се играше претставата „Хамлет во Долна Мрдуша“, на театарот од Тузла, а вечер ќе имате можност да ја погледнете „Сомнително лице“ од Македонскиот Народен Театар. Фестивалот ќе биде затворен на 30-ти јуни со премиерата на претставата „Многу врева за ништо“ на Театарот Комедија во режија на Дејан Пројковски, која ќе се игра во чест на наградените. Не ја пропуштајте оваа можност, бидејќи насмевката е единствената крива линија која може да исправи многу работи, па зошто да не си дозволите една вакво весело разгалување кое нема да ве чини ниту денар. Најубавите и највеселите работи во животот се бесплатни.

 

Објавено:
23 јуни 2014
Категорија: 
Култура