Ал Пачино: Никој не ме бараше пред „Кум“

12 јануари 2018

Важи за жива легенда и еден од најбрилијантните актери на сите времиња. Со улогата на Мајкл Корлеоне во култната трилогија „Кум" на Франсис Копола, Ал Пачино влезе во елитните актерски кругови.
Но, во интервју за магазинот „The Talks" во 2015 година, Пачино открива дека пред „Кум" не важел за актер кој високо котирал на листите кај режисерите.

Фото: The Talks

„Пред првиот дел на „Кум", никој не ме бараше. Но, Франсис ме сакаше! Тој едноставно сакаше да ме земе во негов филм, а мене не ми беше јасно тоа... Филмските студија тогаш не ме бараа, никој не ме знаеше. Мислам дека кога режисерот е заинтересиран, имам тенденција да истапам напред наместо да се повлечам. Барате ризик, предизвик во фактот дека може да паднете, па да станете и да продолжите", вели отворено актерот во интервјуто.

По неговата улога во „Кум" сѐ останато е холивудска историја. Следуваа Тони Монтана во „Scarface", Френк Серпико во „Серпико", Френк Слејд во „Мирисот на жената", Винсент Хана во „Жештина", Рој Кон во „Ангели во Америка". Тој доби Оскар за најдобар актер во 1992 година за неговата улога во „Мирисот на жената" по добивање на претходни седум номинации.

На прашањето на новинарот, дали жали за тоа што прифатил некоја улога, само поради желбата да ги поместува сопствените граници, Пачино вели:

„Не жалам за ништо. Чувствувам дека сум направил некои грешки. Но, сето тоа е дел од вас. И земате по нешто од секој избор што сте го направиле. Мислам, идејата и возбудата да се биде дел од тие ситуации и да се биде на тие места – тоа е повеќе од меморија, сето тоа ти го обликува животот. Затоа, не жалам за ништо".

Со оглед на неговиот исклучително богато искуство како еден од водечките актери на неговата генерација, разговорот продолжува во насока на тоа како лично се „носи" со товарот на неговите големи остварувања.

„Не знам. Не мислам на тоа на таков начин. Мислам само на ролјите што ги играм. Замислете актер да каже: Не сакам повеќе да продолжам со актерска игра бидејќи не можам да одиграм подобро од улогата во претходниот филм. Поради некоја голема причина, постојано сакам да се враќам и да го правам ова!".

Иако никогаш не бил оженет, Пачино има три деца: од врската со Џен Тарант ја добил ќерката Џули Мари (1989 година) и близнаците Антон Џејмс и Оливиа Роуз (25 јануари 2001 година), родени од врската со поранешната девојка – актерката Беверли Д'Анџело, со која бил заедно од 1996 до 2003 година. Исто така, Пачино бил во врска и со Дајан Китон, колешката од трилогијата „Кум", како и со аргентинската актерка Лусила Сола.

Објавено:
12 јануари 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
384 пати