Алма Малер: Никогаш не дозволувајте да се заборавите себеси!

28 јануари 2015

Балетската сала на Македонскиот Народен Театар вечерва беше местото каде се собраа сите човечки емоции во една точка.

Токму таму, фасцинантните актерски диви Милица Стојанова и Звезда Ангеловска ја раскажаа уникатната приказна на една неверојатна жена – Алма Малер.

Малкумината присутни во салата имаа несекојдневна можност да погледнат една раскошна претстава од овој калибар, на сосема поинаков, исклучително интимен начин.

Режисерот Васил Зафирчев ги спои младата и стара Алма Малер на начин на кој секој може да посака да го стори тоа.

Како се интензивираше животната приказна и како глумата на двете дами ја доживуваше својата кулминација, така публиката повеќе не можеше да ги задржи своите емоции и солзи.

„Јас морав претходно да оттрпнам емоционално на претставата, затоа што тоа ќе ме убиеше. Нас вечерва ни е 113 – ти ден откако се занимаваме со оваа претстава. Ние го предвидовме ефектот што претставата ќе го прави и многу ми е драго што оваа претстава луѓето ги допира многу силно, ги допира животно. Тоа говори дека сме успеале во намерата да направиме претстава која е на граница меѓу театарот и животот и на некој начин го надминува медиумот на театарот. Јас направив многу едноставен режиски концепт, со многу едноставни метафори, симболи, контексти, кои се обидуваме да ги театрализираме, а кои се животно важни, суштински, но тоа е невозможно без големи и раскошни актерки како Милица и Звезда кои се големи не само заради актерскиот сензибилитет, туку пред сѐ, заради сериозниот животен багаж да се изнесат со една вака, голема улога која е многу ретка и во светот на книжевноста и во светот на театарот“, изјави по завршувањето на претставата Зафирчев.

Тој посочи дека нему, но и на целиот останат тим најважни им биле солзите, скршените насмевки, тишината...

На сето тоа и на многу повеќе бевме сведоци токму вечерва, кога како што Зафирчев ќе каже, уметноста ја прескокна рампата и стигна до срцата на сите оние кои сакаа тоа да го почуствуваат и да го доживеат.

Големите Милица и Звезда и дадоа еден неверојатно истенчен, интимен допир на претставата. На моменти, тие беа толку блиску и совршено реални што можевте за миг да поверувате дека тие говорат за вашата судбина.

Говорат за сите оние моменти кога и вие, како и Алма, сте заборавиле да се сакате себеси, сте заборавиле да бидете живи во моментот, овде и сега.

Гордата, но неверојатно потисната во себе сопруга на големиот светски композитор Густав Малер, низ раскошните реплики од нејзиниот живот, на сите присутни им даде до знаење дека за ништо во животот не треба да жалиме, освен за реалните загуби против кои не се може.

Во неколку наврати, раскошната жена на првично суровиот музичар, сосема реално раскажуваше за моментите кога престанала да се сака себеси и единствено била обземена од помислата дека таа е Алма Малер.

Вљубена во идејата да се биде токму таа Алма Малер, а дури потоа во нејзиниот Густав, таа целиот живот го поминува во сенката на нејзиниот почитуван господин.

Фасцинантните реплики во кои актерките ни дозволија да уживаме вечерва, според погледите на публиката, се претопија со многу судбини.

Моментите во кои таа сфаќа дека целиот свој живот е всушност навикната да се грижи за некого, а особено за нејзиниот мил Густав, ја крши, но сепак секогаш нагласува дека сама го сакала сето она што го доживеала.

Во неколку наврати притаено говори за нејзиниот талент шшто несомнено го поседувала, но поради нејзиниот сопруг била присилена да го пригуши длабоко во себе. Во тие моменти, Алма низ очите на раскошната Милица ќе каже дека човек е голем онолку колку што ќе си дозволи да биде...

Иако многупати потајно ќе ужива во моментите на самонавредување велејќи си дека е глупава и молчалива и дека единствено знае да му угодува на нејзиниот љубен, во секој нејзин дел од телото е видлив фанатичниот раскош што таа го поседува.

На крајот, таа ќе каже дека љубовта не може да умре, како ни музиката...Ќе каже, луѓето никогаш не се сакаат, тие се љубат!

Доколку утревечер немате некоја сериозно неодложна обврска, претставата на Васил Зафирчев е задолжителна за сите генерации. Во интимната и неверојатна, мала балетска сала на МНТ, ќе доживеете едно сосема поинакво театарско искуство како никогаш досега.

Во многу делови ќе се претопите со судбината и животните приказни на талентираната Алма, ќе се запрашате дали некогаш се заборавивте себеси, дали одите по вистинскиот пат, дали го одите со вистинските луѓе и на крај, ќе посакате никогаш да не посакате да го вратите времето.

Објавено:
28 јануари 2015
Категорија: 
Култура