Шармантната 44 годишна актерка во моментов го промовира нејзиниот нов филм Maleficent: Mistress of Evil, а вчеравечер се случи и главната промоција во Лос Анџелес на која таа пристигна со нејзините прекрасни деца.

Облечени во претежно темни комбинации, сите деца на актерката изгледаа навистина слатко додека позираа со нивната мајка на црвениот килим, а единствен кој недостасуваше беше нејзиниот 18 годишен син Медокс кој неодамна замина на колеџ во Јужна Кореја.

„Штотуку испратив едно од моите деца на колеџ. Многу сум горда на него. Се чувствувам возбудено. Се чувствувам како и мојот свет да се проширува со нив. Секојдневно учам од моите деца и многу сум среќна за тоа’, изјави актерката за магазинот ET.

Како и во најголем број случаи, таа и овојпат одбра долг црн фустан за премиерата на второто продолжение на Maleficent, дополнително украсен со брош во вид на скорпија и црни високи потпетици.

Како и во првото издание на филмот, и овојпат друштво ѝ прави слатката Ел Фенинг која за премиерата одбра долг фустан украсен со цветови и мотиви од филмот, а на црвениот килим се појави и Мишел Фајфер во елегантна црвена креација со црн ремен на половината.

Подеднакво стилски беа и останатите гости, меѓу кои и Хајди Клум со сопругот Том Каулиц, Биби Рекса, како и таткото на Анџелина Џон Војт.

Инаку, официјалната светска премиера на второто продолжение од популарниот филм се очекува да се случи на 16 – ти октомври ширум кината.

Инфо и фото: Daily Mail

Објавено:
1 октомври 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.955 пати