Ансамблот „Контемпора“ ќе свири унгарска современа музика

19 мај 2017

Во Музејот на град Скопје, следниот вторник (23.05), со почеток од 19.30 часот, ансамблот „Контемпора“ ќе одржи концерт на унгарска современа музика. 

Присутните ќе имаат можност да уживаат во музиката од Жолт Сереи, Мартон Левенте Хорват, Јудит Вагра... Комплетната програма можете да ја погледнете на линкот ТУКА, а влезот за сите активности е бесплатен.

Инаку концертот е дел од проектот „Културни приказни“, односно „Современи европски композитори“, а се спроведува во тесна соработка со амбасадите на земјите членки на ЕУ во земјава, Сојуз на композиторите – СОКОМ и Бранка Костиќ-Марковиќ, истакнат музиколог и член на СОКОМ, во улога на партнер и координатор на проектот.

Годинашното издание е насловено како „Е-scape“ (бегство), а програмски координатор е Валентина Велковска - Трајановска.

извор: СОКОМ

„Современата музика не е само – современа. Таа е широко базирана врз одредени традиции, некогаш врз фолклорни, некогаш врз традициите на големите композитори кои твореле пред нас. Ние, како слушатели, сме тука да и оддадеме признание на тие традиции, и на тој звучен пејсаж заедно со наследените елементи од минатото, комбинирани во нови и оригинални постапки. Во денешниот фуриозен е-свет, пејсажите се нашиот контакт со природата“, се вели во соопштението од организаторите.

Тие додаваат дека „главната цел на “Европски современи композитори” е да се промовира европската култура, но и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните културни дејци, подигајќи културни и креативни индустрии и нудејќи нови деловни модели.

Освен концертот, во рамки на програмата предвидени се уште неколку настани. Ден пред тоа (22.05), во ЕУ Инфо центарот, со почеток од 11 часот, ќе биде одржано предавање на композиторите Мартон Левенте Хорват и Горан Начевки на тема: „Музика – минато, сегашност и иднина. Како да се најде сопствениот начин: Како да избегаме?“ . Истиот ден, во 17 часот, во Сојузот на композиторите – СОКОМ, студентите ќе имаат ретка можност да бидат дел од работилница со композиторот Хорват, кој воедно е и професор на престижната музичка академија „Франц Лист“ од Будимпешта.

извор: СОКОМ - композиторот Штефан Шлаемахер, минатогодишниот гостин

На пладне пак, сите заинтересирани, на Јутјуб каналот на СОКОМ ќе можат да ја погледнат премиерата на документарниот филм „Европски современи копозитори“, посветен на првите три изданија на проектот.

-Во време кога речиси сите културни настани се целосно или делумно покриени со државни пари, ваквите проекти се од непроценливо значење. Реалтивно мали по буџет тие значат многу зашто обезбедуваат средства за функционирање на единствениот специјализиран ансамбл за современа музика „Контемпора", даваат можност за блиска средба на домашната професионална јавност со композиторите од земјите од ЕУ и секако, ја збогатуваат нашата сцена со изведба на нови дела творени во 21. век - изјави Костиќ.

извор: СОКОМ - гостувањето на Нејц Нухир

Досега, во рамки на овој проект во Македонија гостувале и германскиот композитор Штефан Шлаермахер, словенечкиот гитарист и композитор Нејц Нухир, како и Борис Беземер од Холандија, Гирилал Баарс од Шведска и Малколм Дедман од Велика Британија.

За потсетување, Ансамблот за современа музика „Контемпора“ е формиран во 2014 година од Сојузот на композиторите –СОКОМ, со цел да изведува и промовира нови дела од домашни автори, но и творби од светското современо музичко општество. Составен е од дваесет инструменталисти, кои во зависност од репертоарот делуваат во различни формации.

Објавено:
19 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
69 пати