Антониа Гиговска победи на „Макфест 2018“

8 октомври 2018

Ако резимираме со увото на еден просечен слушател, годинешново, 33-то по ред издание на Макфест понуди неколку сигурни, „макфестовски" хитови, од кои повеќето се балади.

Меѓу рефренитe што ќе ја обележат годинава, сигурно ќе биде и победничкиот на младата Антониа Гиговска, која со „Никогаш не вели никогаш", песна на нејзиниот тим, Магдалена и Лазар Цветковски, ја освоија првата награда на годинешново издание на Макфест.

Роберт Билбилов со „Чудни места" ја освои втората награда. Тој е автор на музиката и аранжманот, а текстот е на Робин Зимбаков. Третото место и припадна на Дани, за баладата „Време", со музика и текст на Весна Малинова, а аранжман на Кирил Бабамов.

Во време на комплетна општествена и културна ерозија и декаденција на секое ниво, враќањето на сјајот на неколкуте есенцијални и централни музички манифестации, е од суштинско значење на возобновување на домашната поп сцена.

Генералната слика е дека годинешнава сцена на Макфест отстапи подеднакво простор и за искусните, музички „ветерани" и за младите дебитанти, меѓу кои се издвјуваат неколку таленти на кои македонската јавност треба да им даде шанса.

Она што го забележавме кај повеќето од помладите изведувачи, е евидентното влијание на уличната, „Инстаграм" мода во концепирањето на нивниот сценски изглед и костимографија. Од друга страна, видовме и неколку елегантни, безвременски изданија на сцена, но и такви кои веќе треба да останат во историјата, како што се целосно сатенските костуми или премногу гломазните „балски" фустани.

Фото: Официјална и фејсбук страна на Макфест 2018, Инстаграм

Објавено:
8 октомври 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
436 пати