Архангел се враќа на Д ФЕСТИВАЛ!

31 мај 2018

Д ФЕСТИВАЛ годинава има чест повторно да биде домаќин на македонскиот музички великан, бендот АРХАНГЕЛ кој го пречекуваме како предводник на главната бина на Фестивалот! Легендарната рок група чиј врвен музички квалитет е константа низ повеќе од три децении, е едно од најголемите музички имиња од нашата сцена на сите времиња, а посетителите на Д ФЕСТИВАЛ ова лето ќе имаат прилика да бидат дел од нивниот настап кој ќе се одржи на 7-ми јули во Дојран! Со завидна колекција на антологиски хитови и албуми кои ја одбележуваат македонската сцена уште од деведесеттите години, АРХАНГЕЛ константно ја потврдува својата музичка величина и ненадминливоста на музичките граници кои ги поставува и тоа не само кај нас туку во рамките на целиот регион! Овој пат на Д ФЕСТИВАЛ почестени сме со поинаква програма и концерт кој групата цени дека го должи на публиката поради временските услови од минатата година во Дојран, а што е подготвено од музичката работилницата на култниот АРХАНГЕЛ е изненадување кое посетителите на Фестивалот имаат привилегија да го искусат во саботната вечер, 7-ми јули на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ!

АРХАНГЕЛ, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија. Групата оформена во 1988 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1" (1991), „Архангел 2" (1993), „Heart Core" (1998) и „Небесна машина" (2003). Станува збор за едно од малкуте музички имиња кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика, а на наше особено задоволство безвременоста на нивниот опус ова лето ќе одекне и на Д ФЕСТИВАЛ!

Д ФЕСТИВАЛ кој ќе се одржува од 6-ти до 8-ми јули во Дојран е единствениот летен музички фестивал на отворено во Македонија, кој во својата тридневна музичка програма покрај АРХАНГЕЛ веќе ги потврди и настапите на бројни музички ѕвезди од светската, регионалната и домашната сцена како што се PAUL VAN DYK, DISCIPLES, FINK, SEVDALIZA, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, PUSSY RIOT, ГОРАН ТРАЈКОВСКИ, SMUT, SONIC SPECIES, WHO SEE, TRAP DA FUCK UP, FRENKIE, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, BRKOVI, HELEM NEJSE, KOALA VOICE, ПАЛИНДРОМ, CONSPIRACY, KI, ПОСЛЕДЕН УДАР, RGB, CUT YOUR NIPPLE, ANNA O, MAN IN A SUIT, REDUCED TO ASHES и уште многу други кои наскоро ќе бидат објавени.

Покрај музичката програма која се одвива паралелно на четири фестивалски бини, Д ФЕСТИВАЛ секоја година подразбира и раскошна разновидност на настани и случувања во дополнителната програма во ПлоштАРТ зоната и Фестивалскиот камп која вклучува филмски проекции, уметнички изложби и инсталации, работилници, дискусии, спортски активности и мноштво забавни содржини.

Објавено:
31 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
455 пати