Неколку идеи како малиот стан да изгледа визуелно поголем

29 август 2017

Ако вашиот стан има мала квадратура, тоа апсолутно не мора да значи дека по дифолт му недостасува комфор и комодитет. Напротив, со рационален распоред, избор на вистинска комбинација на бои и доволно дневна светлина, визуелно вашиот дом ќе добие пространост, но исто така и соодветна комоција.

Во продолжение ќе ви посочиме неколку „трикови" кои ќе ви помогнат во остварувањето на таа цел.

Ѕидови
Во основа кога се работи за мал простор, ѕидовите треба да бидат обоени во светли нијанси и тонови. Базични бои се бела, беж и светло сива. Доколку имате можност, во повеќе варијанти поставете огледала на ѕидовите со цел просторот да добие во „длабочина".

Осветлување
Еден од најзначајните фактори во уредувањето на ентериерот, а особено ако се работи за мал простор, е осветлувањето. Завеси не се препорачуваат бидејќи визуелно го затвораат просторот, но ако веќе преферирате такви детали, тогаш одберете богати и слоевити наместо тенки. Освен основното осветлување, се препорачува и вградување на мини ЛЕД ламбички во одредени делови од станот. Така во секој момент ќе имате доволно светло, а за интимна атмосфера може да ги оставите да светат само малите сијалици.


Распоред
Ако сте во можност, срушете ги оние ѕидови кои само без потреба ви одзимаат значаен дел од просторот. Идеална опција е кога кујната ќе се спои со дневниот престој и ќе добиете отворен план. Доколку сакате поголема интимност во просторот, може да ги искористите преградните рафтови и полици кои може да ги декорирате со омилените украси или тука да ја поставите вашата домашна библиотека. Исто така едно популарно решение со цел да се заштеди на простор, е телевизорот да се прикачи директно на ѕид наместо да се постави на полица.


Организација на просторот
Мебелот на расклопување е вистински избор за мал простор. Ваков тип на мебел ви овозможува поголема мобилност во просторот, аможе да го користите само тогаш кога имате потреба од него. Така на пример за естетско уредување на домот во фокусот нека ви бидат две или три дизајнерски столчиња, а во случај кога ќе ви дојде друштвото на гости, искористете ги столчињата на расклопување кои во меѓувреме ќе ви бидат „спакувани" на тераса. Ако имате недостаток од плакари, тогаш искористете ги пластичните кутии со големина која може да ја собере под кревет.

Фото: Пинтерест

Објавено:
29 август 2017
Категорија: 
Архитектура
Прочитано:
3.708 пати