Арт Фест помина во знакот на млади таленти, уметност и дружба

12 јуни 2014

Скопје изминатиов период пулсира  во духот на музиката, забавата и урбаниот начин на живот. Едно такво дружење кое беше спој на уметност и уживање ни приредија синоќа младите артисти кои за прв пат оваа година решија да организираат фестивал, насловен Арт Фест. Настанот паралелно се одржуваше во неколку скопски кафе барови Излет, Кино Карпош и Менада, а младите уметници имаа можност да ги презентираат своите дела во неколку различни техники како сликарство, графички дизајн, фотографија, улична уметност и стрип.

Целта за организирање на фестивал од ваков тип е успешно промовирање на нови, млади и талентирани артисти на еден од најприфатените начини за социјална интеракција во Скопје, но и создавање на долгорочна визија за придонес кон поголемо етаблирање на уметноста, како во животите на новите, идни генерации така и во духот на градскиот живот.

-Идејата за организација на еден ваков фестивал како што е Арт Фест се случи сосема спонтано. Идејата не е од сега, сакавме уште од претходно да организираме настани низ кафе баровите и кога веќе станаа сериозни и концептот и намерата решивме тоа случување да биде во облик на изложба, бидејќи е навистина реткост да се случуваат ваков тип на настани кои нема да бидат само промоција на млади артисти, туку и забавна дружба за сите љубители на уметноста но и генерално за скопјани – вели еден од организаторите на фестивалот Дејан Игњатов.

Дејан Игњатов Дејан Игњатов

Тој додава дека целта на настанот е промоција на младите уметници, па затоа при селекцијата изборот „паднал“ на помладите и сè уште неетаблирани имиња.

-Имавме и жири комисија која беше составена од веќе докажани имиња на нашата уметничка сцена и заедно со нив одбравме кои ќе бидат кандидатите што ќе земат учество на фестивалот. Сметам дека професионално го завршивме тој дел, а неколкумина моравме и да одбиеме. Арт Фест ќе пулсира низ градските кафе барови во Скопје и наредна година и сакаме тоа да биде што по масовно во поглед на тоа наредна година да има изложби во повеќе кафе барови и тоа да биде целодневна шема, како еден вид ден на уметноста. Може да бидат и повеќе денови споени заедно. Морам да признаам дека оваа година бевме кратки со време за организација, ама веќе наредна година ќе се фатиме со работа на време, а ќе имаме и повеќе искуство од оваа година, така што сметам дека овој фестивал ќе стане една традиција и ќе прерасне во големо случување - Игњатов.

Различните стилови на луѓето кои случајно или намерно беа дел од годинешниот фестивал уживаа во музичките ноти, урбаното дружење и секако - уметноста.

Во кафе-барот Менада лоциран во срцето на Старата скопска чаршија имаше изложба претежно на цртежи.

-Се претставувам со техника цртеж. Моите цртежи го симболизираат мноштвото детали, губењето на просторот, бранови од геометриски форми и строги линии кои се заробени во едно место. Многу сум задоволен од иницијативата, мислам дека е навистина интересно особено што имам можност да се дружам со луѓе кои имаат сличен сензибилитет за дизајн како мојот -  вели младиот Генц Ислами еден од учесниците.

Генц Генц Ислаими

Од Менада, се упативме кон центарот на градот Скопје, каде групата млади креативци имаа можност да ги изложат своите дела во кафе барот Излет. Таму позборувавме со Панева Славица и ДимитарЃоргиев.

-На оваа изложба сум учесник во дигитална категоријата и цртеж. Цртежите ги цртам со јаглен. Воглавно тоа се портрети или женски актови. Иницијативата ми се допаѓа, убава е идејата и убаво е тоа што се изложени повеќе дела на повеќе артисти. Инаку, со уметност се занимавам многу одамна, досега не сум учествувала на ниту една изложба, ова е моја прва изложба и ми е навистина чест што сум дел од еден ваков групен проект -  кажа Панева.

Славица Панева

-Вечерва изложувам пет дела, а бев дел и од маркетинг тимот што го организираше фестивалот. Во принцип моите уметнички дела се строго дигитални. Арт фестот овозможи одлична можност за промоција на дигиталната уметност која е во подем и која се развива, но не доволно. Правам и илустрации за game дизајн, за постери. Впрочем постерот за Арт Фест е моја идеја. Уметниците со широко срце и раширени раце ја прифатија идејата за учество на еден ваков фестивал, дел од нив беа вистински ентузијасти, а дел се двоумеа, но генерално сметам дека се е во ред. Мислам дека локациите се одличен избор и самата идеја повеќе уметници да претставуваат во ист временски период свои дела и правење на една само промоција е одлична. Сепак мислам дека една вечер е мала временска рамка и се надевам дека догодина тоа ќе се смени - објаснува Ѓоргиев.

ДимитарЃоргиев ДимитарЃоргиев

Крајната наша локација, која живееше во духот на урбаниот живот и уметничките инсталации беше кафе барот во Дебар Маало, Кино Карпош, каде имавме можност да дознаеме нешто повеќе за создавањето на фотографиите.

-На Арт Фест се претставувам со фотографии. Инаку фотографирам макро фотографија, landscape, портрети, фотографијата ми е љубов. Прв пат учествувам на ваков тип изложба, претходно бев дел на уште една „Под ист покрив“, каде мојата фотографија беше избрана во најдобрите дваесет фотографии. Иницијативата е супер само сметам дека треба малку да се поработи на делот околу организацијата и на самиот чин на изложување, но за првпат е сосема во ред. Добар начин за промоција на младите фотографи. Се надевам дека и догодина повторно ќе се организира една ваква изложба и дека ќе има уште поголем одѕив на луѓе учесници. Мислам дека наредната година би било одлично кога сето ова би се сместило во еден простор  и би траело неколку дена. Сепак ова е прво издание и догодина верувам дека ќе биде подобро - забележа младата Марија Чоневска.

Марија Чоневска

На Арт Фест 2014 година беа презентирани повеќе од 150 дела во еден урбан амбиент и како прво издание остави позитивен впечаток со потенцијал наредната година да понуди уште попривлечна и поразновидна програма.

Објавено:
12 јуни 2014
Категорија: 
Култура