Атрактивни артисти на Green Beach Festival

18 мај 2017

Најголемиот фестивал на електронска музика кај нас, Green Beach Festival, годинава ќе се одржи по осми пат на 28-ми и 29-ти јули во Охрид.

Организаторите Password продукција, најавуваат подеднакво атрактивни домашни и странски артисти со кои на препознатливиот грандиозен подиум на Плажа Парк во Охрид, ветуваат врвно доживување и уште едно моќно издание на омилениот летен настан за фановите на квалитетната електронска музика.

„Со двете икони на светската електронска сцена кои годинава ги предводат фестивалските ноќи, еден од најреволуционерните електронски уметници на сите времиња Ричи Хотин на 28-ми јули и ненадминливиот техно великан Свен Ват на 29-ти јули, повеќе од сигурно е дека ова е најмоќното издание на фестивалот досега. Покрај хедлајнерите, веќе се потврдени и артистите кои со своите настапи ќе го надополнат највозбудливото техно доживување овој јули. На претходно најавените Маурицио Шмиц и ВАСО б2б ГОРАН КАН кои ќе настапат за затворањето на фестивалот на 29-ти јули, им се приклучува уште еден бран изведувачи сочинет од едни до најрепрезентативните артисти од домашната електронска сцена: PASS-N-G-R (Песинџер), Самоил Радински и Flooder (Флудер)! Надополнувајќи ја веќе импозантната листа на изведувачи на Green Beach Festival, овие артисти со своите докажани сетови ќе настапат на 28-ми јули, како поддршка на легендарниот Ричи Хотин“, велат организаторите.

Во тек е продажната акција на билетите со промотивна цена од 650 денари за еднодневните и 1200 денари за дводневните (фестивалски) влезници. Станува збор за најповолната понуда на билетите со 40% попуст во однос на нивната финална цена, кои ќе се продаваат само уште во во ограничен број преку продажната мрежа на МКтикетс.

Објавено:
18 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
77 пати