The Beatles и Queen се „сретнаа“ на сцената на Македонска филхармонија

8 февруари 2018

Најголемите хитови на легендарните The Beatles и Queen вчеравечер на камерната сцена на „Македонска филхармонија" за првпат прозвучија во верзија на лимени дувачки инструменти во изведба на „Скопски брас - квинтет".

Фантастичното музичко патување низ познатите теми, започна со „Bohemian Rhapsody", па продолжи во ритамот на „Imagine", „Hey Jude", „I Want to Hold Your Hand", „Yesterday", „She Loves You", „Somebody to love", „Help"...

Публиката која салата ја исполни до последното место, уживаше во изведбата на квинтетот во состав Александар Илијевски и Вилијам Бараковски - труби, Благоја Василевски - хорна, Никола Ристевски - тромбон и Александар Ниниќ – туба, а секоја изведба на познатите музички теми беше поздравена со гласен и искрен аплауз.

Со оглед на големиот интерес за концертот Queen vs. The Beatles, „Скопски брас - квинтет", вечерва повторно ќе настапи на камерната сцена во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот.

Скопскиот брас-квинтет е формиран во 2016 година, но идејата да се создаде ваков тип на состав кај неговите членови тлеела уште од нивните студентски денови. Огромна била желбата кај нив да се покажат лимените дувачки инструменти во една поинаква улога. Од „Битлси" до Бах, од Џон Вилијамс до Сони Компанек, репертоарот на Скопскиот брас-квинтет е широк и се движи низ различни стилови и жанрови.

Иако досегашните настапи на овој состав не биле од концертен карактер, овој концерт отвора ново поглавје во нивната кариера. Не случајно изборот се композиции од „Битлси" и „Квин", за да се слушне и една поинаква страна на лимените дувачки инструменти, надвор од класичниот музички репертоар.
Членовите на Скопскиот брас-квинтет се редовни членови во националните музички куќи - Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг-Бендот на МРТВ и Биг-Бендот на Здружението на Џез-музичари на Македонија.

 

Објавено:
8 февруари 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
329 пати