Бетмен против Супермен: Зора на правдата – Лоши критики, големо доживување!

26 март 2016

Ако сте од оние што несомнено целиот живот се заљубени во супер херои, тогаш голема е веројатноста дека уживате во оваа сезона на филмови токму со таква тематика.

Последен во низата беше Бетмен против Супермен: Зора на правдата како продолжение на хитот Man of steel од 2013 – та година.

Хенри Кавил повторно се враќа на екраните во уште посовршена физичка форма од последното појавување како Супермен, но овој пат заедно со неговиот, на почеток ривал, а подоцна сојузник, Бен Афлек во улогата на херојот Бетмен.

 

Иако критиките за неговата улога не се воопшто сјајни, тој сосема солидно ја заврши работата, секако неспоредливо со единствениот Мајкл Китон и неодоливиот Кристијан Бејл.

Што се однесува до карактерите, животната приказна на Брус Вејн и Кларк Кент е истата од порано, но овој пат, згодните супер херои ги здружуваат силите против лошиот Doomsday кој сака да го уништи Метрополис.

Кога сме кај Лекс Лутор, откако ќе го погледнете филмот, веројатно ќе се согласите со поголемиот дел коментари за улогата на Џеси Ајсенберг во филмот.

Она во што можеби екипата погрешила при кастингот е неговата неприкосновена младост, бидејќи некако сме навикнати овој лик да го гледаме во малку повозрасни години, што не е случај овој пат.

Сосема на почетокот, кога ќе се запознаете со неговата улога и глума, за момент ќе помислите дека ова момче на совршен начин го пресликува ликот на циничниот Џокер, за малку подоцна веќе да влезете во „штос“ и да се концентрирате на она што тој има да го каже во филмот.

Кога сме кај кастингот, само како невин предлог и критика за следното продолжение, Тери Хачер беше најдобрата Лоис Лејн, па некако очекувавме избор на актерка во нејзин стил.

Покрај очигледната и непотребна разлика во години помеѓу Хенри и Ејми, односно Кларк Кент и Лоис Лејн, има и уште неколку други моменти поради кои кастингот за остроумната новинарка требало да биде актерка со темна коса и барем некоја година помлада.

Во однос на содржината, доколку го гледате филмот ќе бидете сведок на повеќе од двочасовна акција во која доминираат Бетмен и Супермен во гладијаторската арена, како една од најочекуваните од филмот, а ќе бидете сведоци и на раскошни забави и гламур на кој Брус е постојан посетител.

Целата поента на нивните борби, покрај уништувањето на Doomsday се разбира, е спасувањето на мајката на Супермен, во случајов Дајан Лејн која е заробена од злобниот богаташ Лекс Лутор.

Нешто подоцна, откако од ривали ќе преминат во сојузници, ќе им се придружи и омилената Wonder Woman, овој пат прикажана од прекрасната израелска актерка Gal Gadot која одлично се снаоѓа во улогата.

Покрај сето она за што говоревме, нешто на што не смееме да заборавиме се фантастичните визуелни ефекти во кои имаше учество и нашата македонска компанија ФХ3Х.

„На овој проект работеше тим од 77 артисти, во периодот од јануари до декември 2015 година, на околу 200 кадри. Проектот го работевме во соработка со нашиот долгогодишен клиент MPC Tehnicolor од Лондон, и според првичните реакции на проекциите, нема да бидеме разочарани од сработеното. Бидејќи сме сите фанови на стриповите на DC Comics, без да ја расипувам забавата, ќе кажам само дека очекувањата ќе ни бидат исполнети, а како особено пријатно изненадување, обрнете внимание на Wonder Woman”, изјави Даниловски. 

Секако, подеднакво одлична беше и музиката за филмот на композиторот Hans Zimmer во соработка со Junkie XL, за кои многумина ќе кажат дека е и најсветлата точка заедно со визуелните ефекти и целосната слика на филмот.

Иако можеби многумина од обожавателите се заробени во времето на стриповите (вистинските, хартиени), можеби време е да се прифатат новите приказни што се прикажуваат и режисерите кои се трудат тоа да го направат на најдобар начин.

За сите оние што очекуваа многу повеќе од првиот „состанок“ на Бетмен и Супермен, верувајте дека филмот дефинитивно вреди да се погледне, барем поради оние позитивни работи кои ви ги споменавме, а секако и бидејќи станува збор за огромно доживување.

Крајот нема да го откриеме, бидејќи викендот е совршено време да ја погледнете оваа историска борба, а подоцна и сојузништво на двајца омилени карактери во кои знаеме дека сите бевте вљубени!

А, заборавивме да споменеме и дека Бетмен за прв пат можеби малку се заљубува...

Објавено:
26 март 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.234 пати