Безвременско наследство од нашите баби – култната стара Сингер машина за шиење

19 мај 2017

Паметам дека како мала кога и да отидев на гости кај баба ми, едвај чекав да седнам зад „педалата" на нејзината стара Сингер машина за шиење и да почнам да го вртам страничното тркало. Така пред мене се отвораше еден бесконечен свет на детска фантазија. Верувам дека голем дел од вас имале слично вакво искуство со оглед на тоа дека порано ваква машина за шиење често се применуваше во домашни услови. Има некоја посебна магија во таа стара, „old school" машина за шиење која иако денеска е заменета со далеку понапредни современи машини, многу домаќинства „љубоморно" ја чуваат како семејно наследство со емотивна вредност.

Денеска ќе ја видите на излогот во некоја антикварница или на онаа иста позиција во домот на вашите родители или баба и дедо, како сведоштво на едно минато време.

Ајзак Мерит Сингер е името на иноваторот кој во 1851 година ја усовршил првата машина за шиење за широка употреба и ја основал компанијата Сингер.

Но, околу патентирањето на оваа машина и правото за нејзината лиценца, постои цела приказна која го вклучува и името на американскиот механичар Елијас Хау кој во 1845 година ја усовршил машината за шиење со педало и со рамна игла која се движела горе-доле, но тој својот изум што бил патентиран во 1846 година, не успеал да го комерцијализира. Наместо тоа, врз основа на неговата иновација, Ајзак Сингер без да ги почитува авторските права на Елијас, во 1851 го регистрирал патентот во Њујорк и почнал со масовното производство на првите Сингер машини за широка употреба.

После долго судење,со одлука на Врховниот суд на САД во 1854 година патентот за машината за шиење сепак му припаднал на Елијас. Но, и покрај тоа, Сингер ја основал својата компанија која за помалку од две години била најголем произведувач и дистрибутер на машини за шиење во цела Северна Америка. Во 1889 година, истата компанија ја произвела и првата електрична машина за шиење, а после две години и првата електрична машина за шиење наменета за домаќинствата.

 

 

Објавено:
19 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
480 пати