Бигорската свештена обител ви испраќа музичка божиќна честитка

26 декември 2015

Деновиве во Бигорскиот манастир, едно од најубавите духовни места во нашата земја, се снимаше спот за божиќната тема „Вечниот Бог" во изведба на Тамара Тодевска, Елена Ристеска, Стефан од дуото Next Time и Димитар Андоновски, а во соработка со Македонската филхармонија.

„На иницијатива на игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј, од страна на нашиот композитор Владимир Димовски, голем пријател на манастирот и соработник во музичките проекти, беше направена оркестрација на традиционалната божиќна песна „Вечниот Бог", со што за првпат кај нас овој карактеристичен напев беше прилагоден за инструментална изведба. Притоа, вешто доловувајќи го нејзиниот богат источно-византиски православен мелос, нашите естрадни уметници Тамара, Елена, Стефан (Некст Тајм) и Димитар, во соработка со Македонската Филхармонија, направија една прекрасна композиција, своевидна божиќна честитка до народот, за која беше изготвен и видео запис. За подготовката на спотот се погрижи Горила Продукција, чијашто екипа со голем ентузијазам во текот на само два дена направи еден чудесен приказ на празничната божиќна атмосфера во свештената Бигорска Обител, како извонредно надополнување на пораката за љубов и духовна радост што извира од стиховите. Дел од костимите кои ја надополнуваат божиќната атмосфера, ги изработи долгогодишната соработничка на Бигорскиот манастир и верна пријателка, Елена Пандева од модната куќа Елена Лука", се вели во соопштението од Бигорскиот манастир.

Во продолжение погледнете дел од амбиентот за време на снимањето и видео записот.

 

 

Објавено:
26 декември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.118 пати