Бигорски манастир организираше голема донаторска конференција

16 мај 2016

Бигорското братство и сестринство, вчера во хотелот „Континентал" одржа голема донаторска конференција за доизградба на првиот летен камп за веронаука, кој почна да се гради пред две години во село Битуше.

Влезницата за добротворната манифестација беше 600 денари кои директно се наменети за детскиот летен камп „Св. Кирил и Методиј", сместен во падините на планината Крчин.

Покрај влезницата како извор на донирање, беше организирана и лицитација на трпеза на љубовта од вештите жени и продажба на многубројни производи и рачни ракотворби, се со цел да се соберат што повеќе средства, велат од Манастирската обидетл на Бигорски.

-Веронауката е една силна потреба за правилен развој на личноста и таа претставува темел на образованието. Христијанството е учење коешто во душите на младите луѓе внесува радост, мир, љубов, надеж и светлина. Доколку тоа се начелата по кои што се раководи човечкиот живот, овој свет би бил едно навистина прекрасно место, една вистинска оаза на радоста и љубовта. Токму затоа сите ние и Црквата како духовен воспитувач и државните институции, особено оние кои што го организираат и реализираат образовниот процес, имаме света должност да им го направиме на младите достапно ова учење, вели Архимандритот Партениј, Игумен на Бигорската Обител.

Фондацијата „Елена Лука“ која важи за голем пријател на манастирот Бигорски, заедно со други хуманитарни организации беше дел од овој настан кој во својата програма вклучуваше и музички дел.

„Денеска бевме дел од добротворната манифестација во организација на Бигорскиот манастир за собирање на средства за доизградба на детскиот летен камп кој е сместен во падините на планината Крчин, во скитот посветен на Св. Кирил и Методиј при Бигорскиот Манастир. Целта на настанот освен прибирање на средства, пред се беше и споделување на скромност, надеж и љубов кон Бога и ближните преку рецитали, песни и драматизации од децата кои беа дел од овој настан. Ни беше пренесена една чиста и убава порака која ќе продолжиме да ја следиме и помагаме во иднина", изјави Елена Пандева која заедно со својот тим беше присутна на овој хуманитарен настан.

Во продолжение преку фотографија ви пренесуваме дел од амбиентот.

Објавено:
16 мај 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
197 пати