Блуз, гитара и стихови – Игор Џамбазов ја промовираше „Улица Диши длабоко“

28 декември 2017

Преку блуз перформанс заедно со Гуру Харе на гитара, вчеравечер Игор Џамбазов ја промовираше својата седма книга „Улица Диши длабоко" која е сублимат на најпознатите песни што ги има напишано или изведено македонскиот актер, музичар и шоумен.

„Овде кај нас, одамна врвот е дно, а доброто зло, а љубовта е на последно место почесно... Затоа мој совет е да најдеме сите заедно едно поле, широко големо поле, и да дишеме заедно длабоко", со познатите стихови од „Врвот е дно" и „Диши длабоко", ја отвори промоцијата Гуру Харе.

Во присуство на бројни пријатели, актери, музичари, режисери и новинари, Игор раскажа неколку интересни анегдоти што се во позадина на приказните при создавањето на неговите стихови.

„Мојата прва книга „Тоа сум јас" ја напишав за мојата покојна мајка, а нејзиниот поднаслов беше „Нека цркнат душманите", а оваа седма книга има поднаслов „Да живеат душманите, оти без нив сме никој и ништо, тие се нашата мотивација".

Покрај незаборавните блуз-стихови, во книгата се објавени и забавните описи за инспирацијата и процесот на нивното настанување, како и општествените (не)прилики, интимните исповеди и сите негови (не)згоди и пороци.

Книгата е во издание на издавачката куќа „Три".

 

Објавено:
28 декември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
479 пати